Во овие „сирни“ денови кога се прават многу пити, се месат кифлички, банички со сирење, редно е да ви предложиме и еден поинаков, но интересен рецепт за лепчиња што се „пржат“ во тава, а ќе ви се допаднат на сите.
Потребни состојки:
- 200 грама бело брашно
- 100 мл млеко
- прстофат сол
- малку растопен путер,
- 200 грама рендан кашкавал
- 1 голем варен компир
- малку ситно сечкан лук, бибер, сол
Подготовка:
Брашното промешајте го со млекото, стопениот путер, солта и замесете меко тесто. Оставете го да стои во фрижидер околу 1 час. Потоа извадете го, пак размесете го и поделете две помали топчиња.
Расукајте две кори и премачкајте ги со малку масло и почнете да го правите „лепчето“.
Варениот компир изгмечете го како за пире, додајте малку сечкан лук, бибер и сол. На едната кора ставете половина од ренданиот кашкавал, а врз него варениот компир, па одозгора пак кашкавал. Убаво и рамномерно истапкајте го филот и одозгора покријте со расучената втора кора. Потоа со сукало израмнете го лепчето и „пржете“ го во нелеплива тава на среден оган, додека да стане жолтеникаво црвено од двете страни.
Уживајте.