Украинскиот фоторепортер откри: Мојата фотографија со Олена е тешка за гледање, но мораше да се направи

2 mins read

Фоторепортерот Волфганг Шван е човекот што ја фотографираше Олена Курило, учителка од Украина која стана симбол на трагедијата од руската инвазија. Шван смета дека неговата фотографија е тешка за гледање, но морала да се направи.

Фотографијата е направена на 24 февруари. Лицето на Олена е облеано во крв, по повреда од руски воздушен напад врз градот Чухуив. Нејзиниот дом бил целосно уништен. Таа била првата личност што Шван ја запознал кога пристигнал на местото на настанот.

„Одеше со раширени раце и беше дезориентирана. Мислам дека имаше потрес на мозокот. Ја фотографирав во моментот кога ја прашав како се вика. Една колешка се обидуваше да разговара со неа со помош на гугл транслејт“, изјави Шван за „Independent“.

Не можел ни да претпостави дека неговата фотографија ќе стане вирална и ќе ја видат милиони луѓе ширум светот. Моментално е во контакт со ќерката на Олена, која му кажала дека нејзината мајка се чувствува стабилно по операцијата. Олена решила да се повлече од јавноста откако беше обвинета дека е актерка и дека нејзините рани се лажни.

„Олена не ги претставува само ужасите што им се случуваат на цивилите во војната. Поради пропаганда стана омразена затоа што е жртва“, изјави тој.

Фоторепортерот вели дека се надева дека фотографијата ќе успее да помогне да се привлече вниманието на она што го носи војната.

„Најмногу страдаат цивилите. Ова се случува кога некој ќе одлучи да војува. Тешко е да се гледа фотографијата, но мораше да се направи. Во спротивно, ќе има само фотографии од мажи со оружје“, заклучил Шван.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Белград полицијата ги раздвои протестите против војната во Украина и оној против НАТО

Следно

Трајковски со бронза на Балканското првенство за сениори во сала

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian