Разговор со Розе Настоска, жената која го искачи Килиманџаро: Врвовите не се освојуваат, планината ни дозволила да бидеме таму

11 mins read

Планината за многумина е бегство од хаосот на секојдневието, од работните обврски кои веќе вплеткуваат прсти и во нашето секојдневие. Особено откако живееме во време на пандемијата, тоа за жал, е сѐ повидливо. Доколку одамна не сте се качиле на планина и не сте ја почувствувале слободата што ја нуди, планинарката Розе Настоска од Прилеп со сигурност ќе ве мотивира и инспирира.

Розе, која во планинарските кругови е позната под прекарот Рокси или Ронџа, вели дека нема проблем да ги каже своите години и е горда на нив.

„Имам 58 години и едноставно сум премногу задоволна како моето тело ги поднесува големите бројки и им посакувам на сите да се чувствуваат вака и да се во оваа кондиција на мои години“, го започнува разговорот за „Слободен печат“ оваа инспиративна жена.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Од кога се занимавате со планинарење и од каде толкава љубов кон височините?

– Моите почетоци со рекреативно планинарење се од 2001 година. Се сеќавам дека за првпат се пријавив на планинарска тура на 21 април. Стартот беше од Орешка станица преку Орешка Чука до село Ореше и буквално „душа ми излезе“ од напор. Но, ми се допадна сето тоа и буквално оттогаш „се навлеков“ на планинарењето и си ја создадов најдобрата зависност во мојот живот. Планинарењето стана мој начин на живот, оттогаш па до денес сите мои обврски се подредени да се завршат до почеток на викенд за да може викендот да се испланира за пешачење – кога може дводневно, а кога не, тогаш еднодневно да се престојува на планина. Престојот на планина физички оптоварува, а психички растоварува, па наредната работна недела по престој во планина и добро пешачење подобро и полесно поминува. Планинарењето едноставно „кликна“, ме исполни со позитивни емоции, запознав многу луѓе со кои имам добра комуникација и стекнав другарства кои траат долго и сето тоа придонесе да ја засакам планината и планинарењето уште повеќе.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Во вашиот живот сте освоиле многу врвови. Но, кој врв ве освои вас? Кој врв најмногу ве воодушевил во животот?

– Ние кои планинариме не го употребуваме зборот „освојува“. Мислам дека имаме преголем респект кон планината и планинските врвови и едноставно ни е страв да речеме дека сме освоиле некој врв, затоа што во многу ситуации сме почувствувале дека планината и врвот ни дозволиле да бидеме таму. Да, сум искачила многу врвови во дваесеттина години активно планинарење. Сите од нив имаат своја тежина и своја енергија, знаат да ти се отворат и да те пречекаат со убаво време и незаборавни погледи, но знаат и да ја покажат својата моќ и да те предупредат дека ти си таму горе гостин и треба да ја почитуваш планината. Со ова мое долгогодишно планинарење сум искачила многу врвови, на почеток додека не ја запознав планината, додека не сфатив со што треба да се соочам како предизвик, што од планинарска опрема ми треба, се приклучував на организирани планинарски акции од планинарски друштва од градот каде што живеам, Прилеп, но желбите за нови предизвици се зголемуваа, а овие клубови немаа акции кои нудеа нови авантури, па затоа се пријавував на планинарски акции кои ги организирааат планинарски клубови од сите градови од Македонија со цел да се посетат повеќе планини и да се искачат повеќе врвови. На почеток тоа беа врвови во Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија, Италија, па кога и тоа не беше доволно, за првпат во 2018 г. планинарев и на друг континент, односно го искачив Висок Атлас во Мароко, висок 4.217 м, истата година следуваше Ерџијас Даг во Кападокија, Турција висок 3.917 м, па во 2019 г. врвот Дамаванд висок 5.917 м во Иран. Сите врвови на кои сум била имаат своја енергија, воодушевуваат со својата моќ и убавина, но јас секогаш се навраќам на „мојата“ Солунска Глава, која ми е прирасната за срце, која сум ја качувала во секакви временски прилики и неприлики и која ја сакам со сето мое срце. Таму најчесто одам со мојот пријател Буран „кралот на Солунска Глава“, кој ја има искачено 1.219 пати (до денес) и на негово инсистирање преброив и мислам дека сум единствената жена во Македонија која ја има искачено Солунска Глава над 50 пати.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Може ли секој да се занимава со овој спорт?

– Секако дека може секој да планинари, има планинари и со здравствени проблеми и со физички недостатоци. Најбитно од сѐ е желбата да се престојува на планина, можноста да се ужива во прекрасните погледи од таму, да се доживува планината како предизвик, преиспитување на можностите на издржливоста на нашето тело и нашата психа, и најважно од сѐ е моментот на вљубеноста во природата, ако човек се „навлече“ на сето ова, тогаш ќе има многу можности да ужива во секој момент поминат на планина.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Го искачивте и Килиманџаро, највисоката точка во Африка. Колку време се подготвувавте за подвигот и како помина целото патување?

– Килимаџаро е висок 5.895 м и еден од Седумте Самити, во Танзанија – Африка ми беше многу дамнешна желба. Но како велат сѐ се случува кога сите енергии и коцки ќе се спојат и од 17 до 22 јануари, 2022 година, по поминати шест дена во националниот камп „Килиманџаро“, спиење во шатори и вреќи, нашата екипа од 12 македонски планинари го искачи врвот во не така наивни и лесни услови. Сонот беше отсонуван, а емоциите не се опишуваат. Се шегувавме на наша сметка дека премногу финансиски нѐ чини престојот во такви услови, за тие пари се добива ресорт со двојно повеќе денови за престој, но никој од нас не се каеше и сите бевме благодарни што се искачивме 12 од 12 или имавме 100 отсто излезност на врв. Јас лично немав специјални подготовки за искачувањето на Килиманџаро, затоа што планинарам и искачувам врвови во континуитет и сум во добра физичка кондиција, има во ова искачување и психички момент, како да се издржи седум дена на планина каде што си во несоодветни услови од нашите секојдневни навики, на пример, како да се навикнеш на тоа дека се обидуваш да спиеш во шатор и вреќа на висина од 4.700 м (невозможно… само се обидуваш), на моментот дека седум дена нема услови за туширање и ред други работи. Но тука преовладува желбата да се биде таму, да се ужива во секој момент од престојот. Целата експедиција во која беше вклучено искачувањето на Килиманџаро, Фото Сафари, Занзибар, ќе остане во моето сеќавање како исклучителна авантура која секому му ја посакувам.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Со какви сѐ предизвици сте се соочиле на планина?

– Планината и планинските врвови секако дека имаат предизвици, но јас сум од оние планинари кои ја почитуваат планината и немам проблем да се откажам од која било намера кога ќе почувствувам дека секој нареден чекор би ја загрозил мојата безбедност. Знам дека никој од нас не би направил нешто ако знае дека ќе биде загрозена неговата безбедност, но некогаш желбата да се реализира замислата е помоќна од нас. Затоа апелирам до сите кои ќе појдат на одредена планинарска тура… немојте по секоја цена… ќе има и наредни прилики, не се доведувајте во опасност за да искачите некој врв… врвот ќе биде таму и следниот пат.

Розе Настоска
Розе Настоска / Фото: Приватна архива

Како успевате да ги реализирате ваквите подвизи, експедиции, имајќи предвид дека планинарството е скап спорт? Дали добивате некаква финансиска поддршка?

– Високогорството, за жал, кај нас сѐ уште се смета како индивидуален спорт за сопствени задоволства, па многу ретко има интерес тоа да се поткрепи со одредени спонзорства за реализација на експедициите. За среќа, има одредени копмпании што ме поддржуваат финансиски во моите желби да искачам некој врв, но за жал, тоа не е доволно. За да се реализира ваква експедиција треба солидна сума финансиски средства, па единствено решение е да се земе кредит (што и јас го направив). Да, јас одам таму заради сопствено задоволство, но претставувам и држава и општина и планинарски клуб, но како и да е, моето задоволство да го искачам Килиманџаро е поголемо од обврската за враќање на кредитот што го имам за тоа задоволство.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Касами ја задржа лидерската позиција во БЕСА

Следно

Забрана за камиони на Стража и Пресека и на патот Крак Маврово – Дебар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian