„На работа сме како едно големо семејсво“: Зошто компаниите ни ја наметнуваат оваа метафора?

8 mins read

На работа не сме семејство. За жал, или за среќа само сме се нашле повеќе луѓе со слични интереси на едно место во еден одреден момент од животот. Веројатно, фразата дека на работа сме „како едно големо семејство“ ја измислил некој добронамерен извршен директор обидувајќи се да ја опише културата на компанијата и моментот на припаѓање.

Со текот на времето, сè повеќе корпоративни лидери почнаа да ја користат оваа метафора. Кога прекумерно се користи зборот „семејство“, тоа всушност може да направи повеќе штета на културата и моралот на компанијата.

via GIPHY

Не сме семејство

И уште повеќе – компанијата не треба да се труди да ни биде семејство. Кога компаниите прекумерно го користат зборот „семејство“, резултатите речиси никогаш не се позитивни. Навистина, притисокот да се биде посветен на семејни нивоа всушност може да направи само дисфункција. Злоупотребата на „семејната“ метафора на работа може да доведе до страдање на вработените.

Границите помеѓу професионалниот и приватниот живот стануваат нејасни

Многу од компаниите кои нагласуваат дека се семејство на крај преземаат активности кои ги поместуваат границите помеѓу работата и приватниот живот на нивните вработени. Овој момент можеби беше повидлив пред пандемијата, кога компаниите рекламираа најразлични видови забави, дружења, „happy hour“ и секакви удобности дизајнирани да им го „олеснат“ животот на своите вработени што е можно повеќе и ако е возможно, никогаш да не си заминат дома.

Секако дека тоа стана проблем сам по себе. Вработените почнаа да поминуваат се повеќе и повеќе време со своето „семејство“ на работа, но, дали некој никогаш се запрашал како тоа влијае на нивната продуктивност?

via GIPHY

Голем проблем за посветените вработени

Кога компаниите или лидерите на тимовите ја пренагласуваат семејната атмосфера, следниот чекор е барање од вработените да бидат посветени на ниво на семејство. И ова создава многу можности за лидерите да ги искористат вработените и да направат да им биде тешко да кажат НЕ.

На сите ни е многу јасно дека компаниите веднаш ја прекинуваат комуникацијата со своите поранешни вработени. Семејство? Во најлошо сценарио, посветените вработени може само да станат несигурни. Кога е во прашање опстанокот на компанијата или „семејството“, вработените може да се чувствуваат под притисок да ги користат сите неопходни средства.

via GIPHY

Вработените кои заминуваат се предавници?

Ако вработените решат дека не сакаат да ги поместат границите помеѓу работата и приватниот животот или едноставно изберат да променат кариерен правец, тоа може да создаде нов „проблем“. Интересно е што компаниите кои претерано го нагласуваат моментот на „семејство“, се истите кои ги етикетираат заминувањата на вработените како форма на предавство.

Не е невообичаено компаниите да ја прекинат комуникацијата со поранешните вработени и да им наложат на другите вработени да го сторат истото. Освен тоа што е едноставно погрешно, овој начин на размислување всушност може да ја ограничи компанијата, бидејќи истражувањата покажуваат дека поранешните колеги кои остануваат во комуникација стануваат моќни извори на нови знаења едни за други и за нивните нови работодавци.

via GIPHY

Значи, што е лошо во тоа да се биде тим наместо семејство?

Намерата зад етикетирањето на компанијата како семејство можеби е позитивна, или идејата да се има вработени кои се поврзани едни со други и кои меѓусебно се стремат да направат нешто повеќе е одлична. Но, ако тоа е она што го сакаме, што има лошо едноставно да се наречеме тим? Силните тимови го испорачуваат истото.

Една од причините поради која компаниите ја одбираат оваа метафора е лошиот обид да ги поврзат луѓето, тимовите и организациите. Но, како што сите знаеме, само да се каже дека сте семејство не е доволно.

Наместо тоа, истражувањата сугерираат дека еден од најмоќните начини да се поврзе тим е со укажување на нивните таканаречени „надредени“ цели – цели кои се толку големи што бараат соработка за да се заврши работата. Толку ли е тешко да се спроведе мисија која ќе ги обединува и мотивира луѓето?

via GIPHY

Граници

Границата помеѓу посветените и премногу посветените вработени е неверојатно тенка. Многу лидери и менаџери сакаат луѓе кои ќе бидат посветени и ќе го даваат својот максимум додека не се заврши работата, да пристигнуваат рано и да остануваат до доцна доколку е потребно. Но, вистината е дека во модерната економија, работата никогаш не е завршена.

Повеќето вработени не сакаат да бидат дел од друго семејство. Наместо тоа, сакаат да бидат дел од тим кој има заедничка цел и се заснова на доверба и почит.

Единствениот начин да се осигурат компаниите дека луѓето ќе останат продуктивни е да бидат сигурни дека секој вработен ќе ужива и во времето за одмор. Сè повеќе компании експериментираат и измислуваат начини како да ги зајакнат границите, како што се забрана на е-пошта после работното време, воведување четири работни дена во неделата и слично. И сите резултати го сугерираат истото – времето надвор од работа ја прави работата на луѓето уште подобра.

via GIPHY

Ценете ги своите вработени

Без разлика колку вработените се посветени во компанијата, многу мал дел од нив ќе дочекаат пензија во истата компанија во која работат во моментов. Се појавуваат нови можности, се случуваат животни промени, и низа други причини поради кои вработените ќе си бараат друго работно место. Соочени со оваа неизбежност, нема поента да се третираат заминувањата на вработените како предавство.

Наместо тоа, кога некој заминува од компанијата – тоа е повод за славје. Вработените кои заминуваат во добри односи треба да се гледаат како луѓе кои ќе ја претставуваат компанијата дури и во нивните нови работни односи. Вработените кои заминуваат се исто така моќен нов извор на упати за нови вработувања.

Всушност, не постои подобар регрутер од задоволен поранешен вработен кој сега работи во друга компанија.

Дополнително, доброто постапување со вработените кои заминуваат има мотивирачки ефект врз вработените кои остануваат, бидејќи ќе бидат сведоци колку позитивно биле третирани нивните колеги кои заминуваат и ќе веруваат дека еден ден ќе им биде дадена иста почит и благодарност.

Вработените сакаат да знаат дека направиле разлика, дека нивните придонеси се вредни дури и откако ќе заминат. Тие не сакаат лидери кои претерано се обврзуваат и ја користат нивната лојалност. Тие сакаат лидери кои им помагаат да ја завршат својата работа најдобро што можат.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО: Беснее пропагандна војна, „вклучени“ српски актери од Бјелогрлиќ до Биковиќ, еве како

Следно

ВИДЕО: Мурињо и Рома во игра за Лигата на шампионите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian