Тренчевска: Нов проект за лицата со попреченост – наместо да користат социјална помош, да се вклучат на пазарот на труд

2 mins read

Во извештајот од Европската Комисија во 2021 година во Поглавјето 19 е забележано дека државата треба да посвети посебно внимание на ефективно спроведување на активни мерки за вклучување на лицата со попреченост на пазарот на трудот, обезбедувајќи соодветна контрола и евалуација на мерките, изјави националната координаторка на НКЕУ-МК, Милева Ѓуровска во воведното обраќање на денешната сесија „Предизвиците во вклучувањето на лицата со попреченост на пазарот на трудот: европски практики и национални можности”.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во своето обраќање истакна дека со техничка помош на Светската Банка во тек е проект што ќе им овозможи вработување на лицата со попреченост, преку воведување на нов модел и нова законодавна рамка.

– Целта на оваа активност е проширување на можностите на вработување на лицата со попреченост и подигање на нивната инклузивност на пазарот на труд. Со воведување на новиот модел за вработување, целта е да се унапреди пристапот на лицата со попреченост до можностите за вработување и успешно да се придонесе кон подигање на нивната благосостојба. Наместо да бидат вклучени во системот на социјална заштита, приматели на социјална помош, да можат самостојно да обезбедуваат егзистенција за себе и за своите семејства, вели Тренчевска.

Таа додаде дека поддршката од државата на овие лица е целосно насочена кон нивното вработување на отворениот пазар на труд и нивна целосна интеграција и социјализација. Новиот модел на вработување на овие лица се планира да се имплементира етапно и чекор по чекор.

– Во делот на подготовката на самото законско решение ќе бидат консултирани, односно ќе се прават компаративни анализи со добрите практики од останатите земји за да ги извлечеме позитивните примери од земјите во регионот, но и пошироко, заклучи министерката.

Сесијата продолжува со дебата на македонски и словачки експерти, универзитетски професори, претставници на Организацијата на работодавачи на Македонија и на Агенцијата за вработување како и претставници на граѓанскиот сектор. Оваа сесија е дел од Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија и дел од Работната група 2 – Социјална политика и вработување -Поглавје 19.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Куман не сака да оди на „Камп Ноу“ додека таму е Лапорта

Следно

Обновени оштетените клупи во Градскиот парк

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian