Струмички карневал: Свечености под маски, смеа и песни со историја долга 400 години

6 mins read

Карневалот во Струмица е вековна традиција и е еден од најзначајните обичаи кои опстануваат и во денешното модерно време.

Оваа година се продолжува карневалска традиција во градот под Царевите кули по две години пауза поради пандемијата на коронавирусот. „30 години ѕвезда под небото“ е мотото на годинашното издание на Струмичкиот карневал чие празнување започна кога градоначалникот го „предаде клучот од градот“ на карневалџиите кои овие денови ќе „управуваат со градот“.

струмички карневал
Карневалџии во 1956 година / Фото: Фејсбук / Стара Струмица

Која е разликата помеѓу сурвари, бабари, василичари, џамалари и карневалџии?

Голем број етнолози посочуваат дека мора да се прави дистинкција помеѓу сурварите, бабарите, василичарите, џамаларите и кукерите и струмичките карневалџии затоа што се случуваат и во различни временски периоди од годината. Сличен е само моментот што маскираните одат по куќите да ги благословат домаќините и да ги истераат „злите духови“.

струмички карневал
Струмички карнавал 11.03.1970 година / Фото: Фејсбук/Стара Струмица

Се верувало дека нивните маски се толку страшни што ќе ги истераат лошите духови за кои се верувало дека хараат низ домовите за време на некрстените денови до Велигден. Веселбата на нивните ритуали отсекогаш вклучувала мавање со стапови, викање, кревање голема врева и играње околу огнови протерувајќи ја зимата!

Зборот карневал потекнува од римското „carne“ или месо и „vali“ или  збогум, односно збогување со месото кое алудира на почетокот на постот, во овој случај Велигденскиот пост.

струмички карневал
Струмички карневал / Фото: Фејсбук / Стара Струмица

Зошто карневалот се поврзува со празникот Тримери?

Стеван Тановиќ во делото „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ во 1927 година напишал за едно предание според кое Евреите сакале да им напакостат на христијаните кои со голема ревност и верност го почитувале големиот Велигденски пост и бидејќи биле фурнаџии тој ден им ставиле крв во лебот. Христијаните некако разбрале за тоа и не им го купиле лебот. Гледано од денешен аспект така може да се објасни присуството на црвената боја во носиите и маските.

„Од сите живи суштества, само на човекот му е дадена смеата“, рекол Аристотел во „За душата, книга II)

Струмичкиот карневал кој несомнено веќе е дел од колективната меморија на народот отсекогаш бил најголемата свеченост на ѕвездениот град, дел од животот под Царевите кули. За време на карневалските денови целиот град пулсира како едно. А, зборот Тримери, пак, потекнува од грчкото „Tru merec“ што во превод значи три дена.

струмички карневал
Струмички карневал / Фото: Фејсбук / Стара Струимца

Првите записи за карневалски случувања во Струмица

Благодарение на славниот отомански патописец Евлија Челебија кој во 1670-тите години поминувал низ Струмица додека по улиците поминувале карневалџиите денес ги имаме првите пишани докази за карневалските случувања во струмичкиот регион.

„Дојдов до еден град, расположен во полите на еден висок баир, и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа, писоци и песна“, запишал Челебија.

струмички карневал
Струмички карневал / Фото: Фејсбук / Стара Струмица

Ова е доволен доказ дека карневалските свечености биле, се и ќе бидат дел од Струмица. Свеста за тежината, древната традиција на овој карневал се и маските, носиите, облеките од кожа, рогови од разни животни до ден денес се употребуваат како обид да се истераат злите духови, физичка преобразба со желба за добро здравје и плодна година.

Шаренилото, блескавата и вицкаста страна на струмичкиот карневал е дел и од усната традиција. Во песните кои се пееле низ вековите и се менувале зависно околностите, сепак останала еротската содржина, мрсните шеги кои се поврзуваат со новите брачни другари, особено до невестата која со доаѓањето на пролетта се верува дека треба да „расцути“ исполнувајќи ги должностите на брачниот живот.

струмички карневал
Струмички карневал / Фото: Фејсбук / Стара Струмица

„Во карневалот“, Михаил Бахтин пишува дека „игра самиот живот, а играта привремено станува самиот живот. Во тоа е специфичната природа на карневалот, посебноста на неговото суштество. Карневалот е другиот живот на народот, организиран врз принципите на смеата. Тоа е неговиот празничен живот. Празничноста е суштинското својство на сите средовековни обредни претстави во форма на смеа…“.

Ќе се согласиме дека карневалот и денес претставува славење на ослободувањето од вистината на секојдневјето кое го живееме. Карневалот е шанса, барем за момент, да се заборави хиреархијата, општествените слоеви, привилегии, норми…

Епа Струмицо, кога ќе падне мракот, нека заживее карневалот!

 

 

Користени содржини:

– Карневалите во Македонија, Христо Крстевски, 1994 година; – Михаил Бахтин: „Творештвото на Франсоа Рабле и народната култура на Средниот век и Ренесансата“, 1978 година. – Списи од Михаил Аранудов, Стеван Тановиќ, „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“, 1927 година.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Реал Мадрид се вкучи во трката за потпис со соиграч на Елмас

Следно

Турски милијардер сака да го купи Челси

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian