Четири дена патуваа до Свети Николе: Антонио Стојанов го врати семејството од Украина, другото возило му го подарил на пријател за да се спаси

4 mins read

Македонецот Антонио Стојанов од Украина се врати во Македонија со свои напори, а стресното патешествие траело дури четири дена, пришто возел најизменично со сопругата додека во задниот дел од автомобилот се наоѓала нивната единаесетгодишна ќерка.

-Четири дена од Киев до Свети Николе патував со автомобил со сопругата и 11 годишната ќерка. Сега се е во ред бидејќи вчера вечерта си дојдовме во Македонија. Излеговме на молдавската граница, а на романската чекавме шест часа. Таму е малку подобро отколку на полската граница каде се чека по 20 до 30 часа за излез. Другиот автомобил кој ми остана во Украина му го подарив на пријател, и тој има семејство, да се спасува, вели тој за Слободен печат.

Подвигот за евакуација од украинска територија бил долг и стресен, меѓутоа со присебност и среќа, ова македонско семејство успеа да дојде дома.

-Сите ме прашуваат дали МНР некако помогнало во евакуацијата, а јас не знам што да кажам, а да не навредам некого. Три пати ми се јавија со прашањето дали ми треба помош, но конкретни дејствија немаше. На излез од Киев видов слики на хаос, ужас, изгорена техника, бомбардирања, исплашени луѓе. На барикадите луѓето сами се организираа. Ние почнавме да возиме по меѓуградските патишта, зашто на автопатите има невиден метеж и гужва. Во секое село имаше барикада, но немаат оружје. Се снаоѓаат како знаат и умеат. Со пендреци, дрва, вили стојат. На секоја барикада покажував документи. Фала богу што сум поранешно војно лице и бев психички спремен, а и сопругата се покажа силна гледајќи ги сите тие слики. Поминавме добро но патот беше долг и стресен. Таа слика што ја видов на заминување од Украина засекогаш ќе остане со мене. Особено тоа што го видов на границите, дека илјаднци луѓе со мали деца бегаат со по две торбички. Тоа е лошото, ужас, вели Стојанов за „Слободен печат“.

Министерството за надворешни работи испраќа дипломатска екипа во Украина составена од актуелниот амбасадор во земјата, Крум Ефремов, како и уште еден искусен конзуларен работник, за да го водат процесот на терен и да асистираат македонските државјани да бидат евакуирани од земјата заедно со украинските членови на нивните семејства, велат од МНР за „Слободен печат“.

Досега околу 50 македонски државјани со своите семејства ја имаат напуштено Украина, додека педесет други се на украинска територија заедно со членовите на нивните семејства. Од нив 25 ги напуштиле становите и куќите каде живееле и се упатиле низ утврдени безбедносни коридори за напуштање на земјата.

-Нивното движење постојано го следиме се` до нивното напуштање на земјата, а потоа, нашите амбасади и конзулати од соседните земји ги преземаат сите активности за нивен безбеден трансфер кон земјава. Секое движење низ Украина е сериозно отежнато, се одвива по споредни рути кои се преполни и оттука движењето е бавно. МНР продолжува одблиску да ја следи состојбата и за секоја нова промена соодветно ќе ја информираме јавноста, велат оттаму.

Претходно семејството Спирковски, од градот Харков кое беше во најтешка состојба со новороденче кое има само неколку дена се врати во Македонија. Тие беа дел од посебен безбедносен коридор на повеќе од 100 километри од градот, а потоа со асистенција на дипломатска мрежа од соседството на Украина беа транспортирани во Скопје.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Службена победа за Вардар против Брест со која е потврден пласманот во осминафиналето во ЛШ

Следно

Две училишта од Кисела Вода ќе добијат сензорни соби

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian