Радев: Народот што си дозволува да го изгуби сеќавањето е осуден да ја изгуби и слободата

4 mins read

Наша должност е да ја заштитиме нашата историја од аспирациите на осквернувачите, затоа што народот што си дозволува да го изгуби сеќавањето е осуден да ја изгуби и својата слобода. Ова го изјави претседателот Румен Радев во својот говор по повод националниот празник – 3 март, на плоштадот „Народно собрание” во Софија. Денеска се навршуваат 144 години од ослободувањето на Бугарија.

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информациии професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Шефот на државата посочи дека оваа година се одбележува националниот празник, „кога нашата татковина прифаќа бегалци, а војната беснее близу до нас”. „Се борат синовите на два братски народи, чии предци положиле коски на нашата земја, борејќи се рамо до рамо за нашата слобода во војската на царот Александар Втори, кој ја собори Отоманската империја”, рече Румен Радев.

Претседателот рече дека за Бугарите, оваа братоубиствена војна е особено болна и повика да не се попушти, да не се дозволи жестокоста што ги пустоши земјите на север, во Украина, „да се насели во нашите срца, да влезе во нашиот дом”. „Да ги отвориме прегратките за сите оние кои имаат потреба денес, како што пред години нашите предци најдоа заштита од ропство во Бесарабија, Таврија и Запорожје, во Киев, Одеса, Москва и Санкт Петербург. Да бидеме луѓе”, повика шефот на државата.

Румен Радев се изјасни против идејата да не се слави 3 март. „Се крена глас да не се слави денешниот празник. Но, токму меморискиот јаз и ревизиите на историјата се причина за многу трагедии”, рече претседателот. „Не! Тука сме да ги почитуваме имињата на нашите преродбеници, на нашите бунтовници, на Паисиј, Раковски, Левски и Ботев, на априлскиот народ од 1876 година. На сите оние кои со своето дело и саможртва напредуваа и се приближија кон воскресението на Бугарија”, рече Румен Радев.

Претседателот истакна дека денеска се спомнуваат „благородните умови на Толстој, Достоевски и Тургењев, на Гладстон и Дарвин, на Виктор Иго, Мекгахан, Јуџин Скајлер, кои ги разбудија симпатиите на светот за судбината на бугарскиот народ”. „Им оддаваме почит на храбрите војници од Ослободителната војска, без разлика дали се Руси, Украинци, Белоруси, Романци или Финци – сите тие се во пантеонот на нашата бугарска слобода. Го почитуваме споменот на нашите храбри волонтери”, рече претседателот Радев. Шефот на државата рече дека ниту еден спомен не заслужува „да биде фрлен на политичките демони”.

„Вечна слава на илјадниците знајни и незнајни херои кои ги дадоа своите животи за слободата и независноста на Татковината! Да живее Бугарија!”, заклучи претседателот Радев.

Претседателот го прифати почесниот орден на претставничките единици на бугарската армија. Командант на свечената огнометна церемонија беше бригадниот генерал Тодор Тодоров – командант на Командата за логистичка поддршка. На неа присуствуваа гардискиот дувачки оркестар и Националната гарда со знамињата. Беше изведена државната химна. На Споменикот на Царот Ослободител во знак на благодарност беа врачени венци и цвеќиња. Со едноминутно молчење беше оддадена почит на загинатите за слободата на Бугарија.

Меѓу присутните беа претседателот на Собранието Никола Минчев, премиерот Кирил Петков, потпретседателката Илијана Јотова, градоначалничката на Софија Јорданка Фандакова, пратеници, министри, свештеници, дипломати, граѓани.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Карпош го изгласа планот за бензинската на „Пуцко петрол“

Следно

По 40 години, Лепа Брена врти „нов лист“: Потполно се посветив на себеси и здравата исхрана!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian