Отфрлени 400 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ

4 mins read

И вториот ден од собраниската расправа за разрешувањето на претседателот на Комисијата за избори и именувања Фадил Зендели, власта и опозицијата се препукуваа без разрешница на блокадата што го кочи изборот на судии за Уставниот суд

Мнозинството да ја повлече одлуката за насилно разрешување на членот на Комисијата за избори и именувања Фадил Зендели за преседанот да не стане практика, во спротивно ќе преземеме сè за да ги заштитиме граѓаните, порача ВМРО-ДПМНЕ на вториот ден од собраниската расправа за разрешувањето на претседателот на оваа комисија од Беса. За власта, блокадите на опозицијата нема да успеат, одговорност на мнозинството е да носи одлуки. ВМРО-ДПМНЕ не доби одговор зошто претседателот на Собранието Талат Џафери ги отфрли нивните 400 амандмани. Седницата ја водеше потпретседателот Горан Мисовски.

Според Никола Мицевски, шеф на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно е дека проработеле теснопартиските интереси и желбите за поставување подобни лица во Уставниот суд.

– Доколку не ја сопреме оваа постапка, тогаш секој предлог што ќе дојде од Комисијата, ќе треба да помине низ специјални филтри за да не биде фрлен сомнеж врз предлозите за уставни судии – рече Мицевски.

Пратеничката на СДСМ Снежана Калевска Ванчева рече дека во Комисијата треба да се почитува распоредот на силите од изборите во 2020 година, односно дека мнозинството во Комисијата треба да го има власта.

– Како што се избираат членови, така може да бидат и разрешени. Не знам како вие го толкувате, но ако направевте парламентарно мнозинство, сигурно ќе побаравте рекомпонирање на составот на комисиите – рече Калевска-Ванчева.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека разрешување член на комисија без одлука на комисијата е недемократско и неделовнички.

– Избрани и именувани функционери даваат заклетви и одат во институциите во кои се назначени. Ние не сме го виделе Зендели да дава заклетва во Комисијата како член. И сега само Зендели во цела држава е избран функционер. Тоа е газење на Деловникот. Џафери знаел што зборува кога кажал дека не гледа начин како полуделовнички може да спроведе нешто ако претходно не поминало во Комисијата. Не верувам дека Џафери е биполарна личност. Но, во меѓувреме СДСМ и ДУИ сигурно постигнале договор за членови на Уставниот суд – рече Милошоски.

Ванчева одговори дека најдобро ќе беше со консензус да се договорат за Комисијата, но дека е јасно оти опозицијата сака да има мнозинство и во комисии каде што не им припаѓа тоа. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека од ваквите опструкции, собраниските седници траат предолго, носењето закони чека со месеци, заглавени се комисиите што ги води опозицијата.

– Со одолговлекувањето на оваа седница, ВМРО-ДПМНЕ кочи и други важни закони што се на дневен ред, меѓу кои и Законот за земјоделство и рурален развој, кој обезбедува 100 отсто субвенционирана нафта за земјоделците наместо досегашните 50 отсто. Тоа значи целосно покривање на трошоците за нафта. Како парламентарно мнозинство нема да се повлечеме пред блокадите на опозицијата. Сите закони се важни за граѓаните, треба да бидат донесени и да почне нивната реализација – рече Митрески.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА: Сончево време, од утре дожд и снег

Следно

Осум романски војници мртви во хеликоптерска несреќа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian