Сашко и Сашка ни ја откриваат тајната на најубавиот десерт: Сочна штрудла со јаболка

3 mins read

Сашка и Сашко стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа одлична идеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас, и веднаш кога ќе се вратиме сакаме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Сашка и Сашко ни приготвија интересен рецепт: Чоколадна варијанта на познатиот Њујорк чизкејк

Денес Сашка и Сашко споделуваат сочен рецепт за штрудла со јаболка чија подготовка нема да ви одземе многу време.

„Прво и основно, домот ќе ви мириса фантастично, a мирисот на јаболка и цимет помешани со путер ќе ви разбудат пријатни чувства и во најмрачниот ден. Штрудла со јаболка е класичен баварски десерт, направете го, послужете го со чај, сладолед или крем од ванила, секако ќе биде перфектно“, ни велат.

Потребни состојки:

  • 3 големи јаболки, излупени и ситно насецкани или рендани
  • 100 гр кафеав шеќер
  • 1 лажичка цимет
  • 1/4 лажичка мускатно оревче
  • 1 лажица пченкарно брашно
  • прстофат сол
  • 1 лажичка течен ванила екстракт
  • 7 големи кори
  • 100 гр растопен путер
  • 30 гр шеќер во прав

Подготовка:

Прво се приготвува филот за штрудлата. Во голем сад се мешаат сите состојки, освен корите, путерот и шеќерот во прав. Потоа, се зема една кора, се премачкува со растопениот путер, врз неа се става следната, се премачкува со путер и се така до последната. Врз последната кора се премачкува филот на првата третина од кората, така што од почетната страна се остава 5-6цм, а од краевите се остава по 4-5цм, за да може кога ќе ја превиткаме да не истече филот. Значи само ја превиткуваме. Делчето каде двете страни од кората се спојуваат се става од долната страна кога ќе ја префрлите во плехот за печење кој претходно ќе го премачкате со путер или ќе поставите хартија за печење. На крај, штрудлата се премачкува со путер и од надворешната страна. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути додека да зарумени, а потоа се намалува на 180 степени и се пече уште 15-20 минути, зависно од јачината на рерната. Откако ќе се испече, се остава околу 30 минути да се злади, па се наросува со шеќер во прав.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Физичка пресметка поради паркинг место

Следно

РФМ ги отвора вратите, бесплатен влез на дуелот Македонија  Словенија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian