Меѓународниот Филмски фестивал во Кан одлучи да не прими официјални претставници на Русија поради ситуацијата во Украина, соопшти прес-службата на фестивалот.
„Организацискиот одбор на фестивалот одлучи доколку агресијата не престане под условите кои ќе го задоволат украинскиот народ, да не се прими официјална делегација од Русија ниту да се прифати присуство на кој било поврзан со руската влада“, се вели во соопштението на организаторите на фестивалот.
Организаторите додале дека сакаат да ја поздрават храброста на „сите оние кои во Русија ризикувале да протестираат против агресијата и инвазијата на Украина“ и ги поздравија уметниците кои „не можат да се поврзат со неподносливи дела и оние кои ја бомбардираат Украина“.
Ова е првпат организаторите на филмскиот фестивал да зборуваат за руската инвазија на Украина.
Првото издание на фестивалот требаше да се одржи во 1939 година, на 1 септември, денот на германската инвазија на Полска. Тогаш организаторите одлучија да го откажат фестивалот бидејќи два дена подоцна Франција и Велика Британија ѝ објавија војна на Германија.
„Лојален на својата историја, која започна во 1939 година како отпор кон фашистичката и нацистичката диктатура, Канскиот филмски фестивал секогаш ќе биде во служба на уметниците и филмските професионалци, чиј глас се крева во осуда на насилството, репресијата и неправдата во одбрана на мирот и слободата“, се додава во соопштението.
Канскиот филмски фестивал ќе се одржи од 17 до 28 мај годинава.