Овие 10 најздрави намирници го добија епитетот суперхрана за 2022 година

4 mins read

Ако ве интересираат трендовите во здравата исхрана и уживате во подготовката на храна богата со хранливи материи и важно ви е таа да содржи многу минерали и витамини, проверете која храна добила статус на „суперхрана“ во 2022 година.

Стручниот магазин „Денешен нутриционист“ (Today’s dietitian), неодамна спроведе студија во соработка со 1.173 сертифицирани диететичари и нутриционисти за овогодинешните трендови во исхраната, а овие експерти објавија и листа на 10 најздрави намирници во 2022 година, фокусирајќи се на храната од растително потекло со широк спектар на нутритивни предности.

„Со растечката популарност на исхраната базирани на билки и фокусот на здравјето и имунитетот, алтернативите богати со хранливи материи ќе бидат клучен елемент во исхраната на потрошувачите кои сè почесто ја гледаат храната како лек за избегнување болести“, рекла Луиза Полок, една од авторките на студијата.

А, еве ја и листата на 10 супернамирници:
1. Ферментирана храна

Ферментираната храна како јогурт и кимчи (корејска лута зелка) се наоѓаат на врвот на листата, и тоа благодарение на својствата кои го зајакнуваат имунитетот и го поттикнуваат здравјето на цревата. Исхраната богата со ферментирана храна ја зголемува разновидноста на микробиомот на цревата и ги подобрува имунолошките реакции, велат истражувачите од Медицинскиот факултет на Стенфорд.

2. Боровинки

Ова овошје е мало, но има многу придобивки! Тие се богати со антиоксиданти, кои помагаат во заштитата на клетките од слободните радикали и можат да го намалат ризикот од рак, срцеви и други болести. Антиоксидантите се, исто така, неопходни за поцврста коса, нокти и сјајна кожа.

3. Егзотично овошје

Стандардните овошја како јаболка и портокали се секогаш добредојдени, но 2022 година ќе биде година на егзотичното овошје како што се асаи бобинки и перуански јагоди. Асаи бобинките имаат висока содржина на антиоксиданти, кои помагаат во намалување на холестеролот и го штитат мозокот од оштетување предизвикано од стареењето.

4. Семки

Семките како што се чиа семето или семето од коноп се намирници со голема хранлива моќ. Чиа семето е полно со антиоксиданти, минерали, влакна и омега-3 масни киселини, како и со калциум, фосфор и магнезиум.

5. Зелен чај

Овој пијалак Јапонците го консумираат илјадници години и тоа со добра причина! Истражувањата покажуваат дека зелениот чај има антивоспалителни својства и својства кои го зајакнуваат имунолошкиот систем, но и ги согоруваат мастите и го забрзуваат метаболизмот.

6. Јаткасти плодови

Јаткастите плодови се одличен извор на протеини и влакна. Ф’стаците, на пример, имаат висока содржина на антиоксиданти, а некои студии покажале дека тие можат да го подобрат видот и превентивно да делуваат на срцевите заболувања.

7. Лиснат зеленчук

Лиснатиот, зелен зеленчук како зелката и спанаќот дефинитивно заслужуваат место во вашата исхрана! Тие содржат многу протеини и флавоноиди, кои помагаат во заштитата од оштетување од слободните радикали и разните воспалителни процеси. Спанаќот е богат и со витамините А и Ц, а научно е докажано дека помага во намалување на крвниот притисок и го намалува ризикот од срцеви заболувања.

8. Кељ

Кељот, кој исто така припаѓа на зелениот, лиснат зеленчук, го заслужи своето место на листата поради бројните хранливи придобивки. Кељот, како и спанаќот, е богат со протеини и флавоноиди, а изобилува и со витамините А, К и Ц и е добар извор на влакна.

9. Древни житни култури

Овој термин се однесува на сите оние житарки кои не се промениле илјадници години, како што се киноа, амарант, тефа, фаро житарките… Киноата е секако најпопуларната житарка од овој тип, а има висока содржина на влакна, витамини Б6 и Ц и ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини!

10. Авокадо

Авокадото е богато со антиоксиданти, но и со други хранливи материи кои помагаат кај холестеролот, негата на кожата, здравјето на очите, густината на коските и содржи масти кои се здрави за срцето!

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шест мртви во близина на грчкиот остров Лезбос

Следно

Османи: Во Украина има уште 50 Македонци, семејство со новороденче е заглавено во Харков

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian