Чешкиот амбасадор Јарослав Лудва денеска ја посети општина Гостивар и имаше работен состанок со градоначалникот Арбен Таравари. Средбата е продолжение на соработката која чешките дипломати ја имаат со гостиварската локална самоуправа во изминативе години. Меѓусебното запознавање и разговор за актуелните состојби во регионот биле во фокусот на оваа средба.
– Разговаравме за теми во рамките на локалната власт, соработката меѓу двете земји, преговорите со Бугарија и очекуваната поддршка од земјите на ЕУ. Исто така, тема на нашиот разговор беа проблемите со кои се соочуваме во овие кризни моменти во нашата земја, владеењето на правото и корупцијата, како и за заеднички активности во иднина.изјава, рече Таравари.
На новинарско прашање околу евроинтеграциите на Северна Македонија и поддршката на Чешка, гостинот напомена дека од јули годинава неговата земја ќе го преземе претседателство со Европската унија и тоа ќе биде добра можност да направи чекор напред кон отпочнувањето со преговорите.
– Јас сум оптимист дека со нашето претседавање ќе почнат и преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тој оптимизам го базирам на текот на разговорите на РСМ и Бугарија и резултатите на работните групи на двете држави, рече Лудва.
Новиот амбасадор на Чешка, Лудва за прв пат доаѓа во Гостивар и како што рече, во земјава е назначен пред два месеци и сака да се запознае одблизу со состојбата во државава и да ја продлабочи досегашната соработка.