Како да станеме подобри слушатели кога зборуваме со некого? Еве неколку начини

10 mins read

Нема на кого му се нема случено: Седиш на ручек/седенка со пријатели и мезите, се дружите. Среде разговор или муабет, телефонот ќе заѕвони или ќе се слушне звук од нотификација на месинџер, вибер… И одеднаш погледот се префрла на екранот, веднаш почнува „phone time“, и човекот од карши си седи така, како да не е присутен, затоа што чека да „помине прекинот на разговорот“.

Сигурно сте се нашле како дел од вакво сценарио и тоа од двете страни. Не мора да е само на ручек, или со вашите блиски, многу често ова се случува и со партнерот, додека сте со вашите деца, или кога извршувате било какви обврски кои бараат целосен фокус.

Тргнувам од себе, одам да готвам и го земам телефонот со мене. Зошто, по ѓаволите? Па мора да сликнам нешто, салатата, процесот, некое „стори“, нешто, да се случува, да има тек. Ај ќе си речам, тоа е барем монолог, не сум со некого за да го слушам или да ме слуша. Ама и кога сум со некого, со другарка, со ќерка ми, со моите… Телефонот мора да е при рака, да е тука нешто да не пропуштам нешто.

Што правиме кога ваквото однесување е пречесто?

Незабележливо стануваме инертни, слабо слушаме кога ни се зборува/се бара нешто од нас или површно следиме во разговорите.

Целосното фокусирање на разговорот со оној наспроти нас е клучно во релацијата, особено ако сакаме да разбереме што точно тој ни кажува, а со тоа да избегнеме проблеми, конфликти и секако – да изградиме доверба и взаемна почит.

разговор/комуникација
EPA/HOW HWEE YOUNG

Ми се има случено да разговарам со луѓе чии очи „шараат“ лево десно, кога не знаат што со мојот разговор. Колку се нервирам тогаш! И сфаќам – и јас го правам истото. Ќе да е некој феномен на современото инстант живеење и брзо заситување од ситуации, особено кога долго време откако е пандемијата активна, луѓето во слободна средба, едвај дочекуваат секој да си го каже своето, а кој слуша – не знам. Можеби околниот инвентар.

Сепак, како и секоја вештина на живеењето, слушањето може да биде извежбано, а со тоа и култивирано како дел од нашиот карактер.

Еве три начини како да станете подобар „слушател“, според „Ideas.com“.

Исклучете го телефонот

Сигурно кога работите, одговарате на мејлови, во позадина ви тече филм, а истовремено си се допишувате со некого на скајп, сигнал, вибер. Кога сме во мултитаскинг, вниманието ни е поделено на неколку различни протоци на информации и не сме најдобри во ниедна комуникација од нив.

Според Хришикеш Хирвеј, TED говорник, мултитаскигот е како „слушање песна додека пеете сосема друга песна во вашата глава“, и поентира – не можете да го правите тоа добро. Просто, може само да го испочитувате тоа кога некој ви кажува дека размислувате на нешто друго, и не му го одземајте времето. Инстинктот за мултитаскинг е тежок да се исклучи, затоа што е дел од секојдневните навики, но е многу важно да научиме да го менаџираме и да го исклучуваме – вели тој, кој е музичар по професија.

Ова може не ви делува како голема работа додека си гледате телевизија, и плетете шал, да речеме. Но кога правите покомплексни комбинации на активности, на пример гледате телевизија додека му пишувате совет на другар кој во мигот е во криза, или учи интензивно за испит – мултитаскингот може да има негативен импакт. Ако сакате да бидете активен, емпатичен слушател, мора да ги тргнете вашите мобилни телефони/уреди и да бидете целосно присутни. И да, лесно е да се рече, одошто да се направи.

Нашите дистракции не се секогаш надворешни, воедно. Студиите кажуваат дека и дневното „мечтаење“ и внатрешните мисли и емоции, можат да го донесат човекот до расеаност. Кога ќе се најдете себеси како зјапате во една точка, додека ве чекаат куп обврски, знајте дека тоа е е внатрешното внимание кое ви бега. Освестете се, прошетајте, станете од столчето – и потоа вратете се на задачата.

Ајфон Епл мобилен телефон
Корисник со мобилен телефон на Епл / Фото: EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Повторете си го она што сте го слушнале

Голем дел од активното слушање е практично – самото слушање. Но, најдобрите слушатели не се само тела што примаат информации, тие ги систематизираат работите што ги слушнале.

Поставувајте прашања

Охрабрувајте го соговорникот да елаборира она што го зборува. Може да му помогнете да сфати во која перспектива зборува, и да ви објасни нешта што претходно не ги мислел.

Сумирајте го разговорот. Периодично, парафразирајте ја пораката во разговорот која соговорникот ви ја раскажал, ако му е тешко да ја „доизгради“. Користете зборови како „Можам да разберам… Кога велиш дека тоа и тоа…“ Охрабрувачките зборови го опуштаат соговорникот.

Слушајте без да судите. Оној со кого разговарате, треба да се чувствува удобно, а не осудено или непријатно. Ова значи дека ги слушате неговите ставови, мислења иако тие можеби се драстично поразлични од вашите.

Тишината сепак има функција – да им даде и на зборувачот и слушателот простор да си ги процесираат информациите кои си ги пренеле едни на други.

Никако не го правете ова

Да притискате завршувајќи ги речениците на оној кој зборува. Иако такви „дупки“ во разговорот звучат можеби малку чудно, сепак имаат функција. Оваа тишина води до подлабоки, пообмислени разговори. Да „скокате“ со вашата лична приказна. (Јас ова го правам често и сега сфаќам дека е ужасно :))

„Кога некој ќе ми кажеше нешто, ќе речев – еее ова ме потсетува на нешто слично што и мене ми се случи, и тогаш ќе ја раскажев целата моја приказна, наместо да ја ислушам туѓата“, вели Хирвеј.

Некогаш невербалната комуникација зборува многу повеќе од самите зборови

„Јас цврсто верувам во моќта на невербалната комуникација. Тоа е просто, начин на кој оставате другата личност да увиди дека сте вклучени во разговорот, кога сте тивки и следите, и ги мотивирате да раскажат уште повеќе. Тој тип на обликувана, намерна тишина остава простор за нив“, вели Хирвеј.

Невербална комуникација – начинот на кој ги изразуваме мислите или пораките без да зборуваме, како фацијалната експресија, движењето на телото, позата во која седиме/стоиме, контактот со очи или допирот – се моќна алатка која исто така кажува многу повеќе одошто самиот збор.

Ова е така затоа што нашето лице рефлектира што чувствуваме во нас и е витална социјална вештина, која ја развиваме од мали нозе. Всушност, студиите кажуваат дека дури и малите деца имаат преференци за лица, особено оние со кои можат отворено да се „видат“, луѓе со изразени очи, насмеано, тркалезно лице па дури и очила.

девојчиња во разговор
Девојчиња во разговор

Важно е да се забележи дека постојат различни културни поимања на невербалната комуникација, но еве некои основни:

Остварете контакт со очите:

Овој контакт е фундаментална комуникациска вештина. Сигнализира здрава врска помеѓу мајките и децата, пациентите со докторите, партнер со партнер. Експертите го препорачуваат 50/70 правилото. Додека зборувате, обраќајте се со 50 проценти од вашето внимание, а додека слушате – 70%

Имајте отворенo држење на телото:

Активните слушатели често се навалуваат нежно кон личноста додека слушаат. Од друга страна, доколку сте одалечени, или гледате наоколу додека некој ви зборува, лесно ќе изгледате незаинтересирани.

Огледувајте се во лицето на соговорникот:

Доколку ги повторувате, нормално не комично, фацијалните експресии на човекот кого го слушате, има голема шанса да се разберте и полесно да тече разговорот.

Секако, да се биде добар слушател си бара пракса, вежбање, трпение – и не секогаш можеме да го изведеме тоа правилно. Но, со неколку трикови, или техники, лесно може да совладате повеќе извори на дистракција.

Вклучете се со слушање, дајте му до знаење на оној со кого зборувате или молчите, дека сте присутни. Понекогаш само тоа му е потребно.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Димитров: Македонците требаше да му свртат грб на Путин уште кога ја нарече Украина „вештачка творба“

Следно

Реал и Барселона на лето „гратис“ ќе носат фудбалери од Серија А

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian