Ковачевски-Селаковиќ: Добрососедска соработка за регионалната стабилност

2 mins read

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Никола Селаковиќ, министер за надворешни работи на Република Србија.

На состанокот се потврдени пријателските односи помеѓу двете држави и двата народа и е констатирано интензивирање на соработката, посебно на економски план во последниве две години.

Изразена е определба од двете страни за напредување и на Северна Македонија и на Србија во процесот на евроинтеграциите.

Премиерот Ковачевски соопшти дека тој и Владата на Република Северна Македонија се фокусирани на економскиот развој на државава, на успешно надминување на актуелните предизвици, како што е енергетската ситуација и истовремено се работи на исчекорот во делот на евроинтеграциите.

„Веруваме во целите и работиме да се остварат, преку принципиелни и достоинствени политики и работа на потребните реформи на домашен план, како што се реформите во правосудството, коишто се во значаен дел усогласени со европското законодавство”, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е заеднички оценето дека иницијативата Отворен Балкан е придонес во регионалната соработка на државите, преку имплементацијата на европски вредности во регионот, а придонесува кон продлабочување на соработката, со отворање можности за поголема регионална конкурентност на европскиот пазар и на други светски пазари и во делот на привлекувањето странски инвеститори.

Значењето на добрососедските односи е посебно нагласено и како важно во сочувување на стабилноста и мирот во регионот и во Европа.

На средбата е разговарано и за актуелната ситуација во Украина, при што е пренесен ставот на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

На состанокот е пренесена покана од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, до премиерот Димитар Ковачевски, за посета на Белград.

Премиерот Ковачевски, се заблагодари за пријателската соработка и помош од Република Србија за време на пандемијата и оцени дека споделената посветеност кон унапредувањето на односите меѓу двете држави е важна за граѓаните на двете земји.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Донесена е одлука, нема да се вози Формула 1 трка во Сочи

Следно

Мицотакис: Грција се најде на вистинската страна на историјата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian