Дачиќ: Србија нема да се води од туѓи очекувања, туку од сопствени интереси

3 mins read

На прес конференцијата на која претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ ги презентираа заклучоците на Србија во поглед на поддршката на територијалниот интегритет на Украина и невоведувањето санкции кон Русија, претседателот на Народно собрание, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија нема да се води од туѓите очекувања, туку од сопствените интереси, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој на почетокот на својот говор рече дека не е член на Советот за национална безбедност, туку дека присуствувал на состанокот на кој се носени заклучоците за Украина, бидејќи бил поканет од претседателот Вучиќ.

Дачиќ смета дека „Западот очекува од Србија да ја осуди Русија и да воведе санкции, и дека и Русија веројатно очекува да ја поддржиме и да го пофалиме сето она што го направиле, и да ги признаеме Луганск и Доњецк. Ништо од ова не треба да правиме, туку наше е да се грижиме за нашите интереси”, кажа тој.

Дачиќ изјави и дека не му е јасно како САД очекуваат од Србија да донесе одлука и да се усогласи за два дена и дека „Србија ја убедуваат како да сме наивни и глупави, дека тоа е кршење на меѓународното право, како ништо да не се случило на територијата на Србија”.

-Во Косово имаше прекршување на меѓународното право. Како не ви е срам да зборувате сега дека Србија го загрозува меѓународниот поредок со тоа што не ги осудува постапките на Русија. Што ќе ни донесе тоа? Дали САД ќе го повлечат признавањето на Косово, дали ќе престанат да им бараат место во ОН, праша Дачиќ и порача дека Србија ќе се грижи само за своите интереси.

Доколку воведеме санкции, ќе ја отсечеме гранката која што ни го чуваат тој интерес, бидејќи тоа ќе значи прекин на соработката со Русија и Кина, оцени тој.

-За мене нема дилема, целосно го поддржувам она што го донесе Советот за национална безбедност, кажа Дачиќ.

Надоврзувајќи се на одговорот на Вучиќ на изјавата на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, тој кажа дека „Хрватска отсекогаш знаела да ја избере вистинската страна во историјата и дека нема да го изненади на крајот да ги извлечат руските знамиња, како што порано ги вадеа австроунгарските и германските”.

-Берлин падна пред Загреб. А сега зборуваат за вистинска страна, оцени Дачиќ на прес конференцијата, повремено прекинуван од Вучиќ, со забелешка дека говори во функција на предизборна кампања.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Околу Путин нема некој што може да му каже дека можеби греши, вели Нано Ружин

Следно

Исповед на поранешен наркоман: Моето дете ми го спаси животот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian