Битолчанецот кој со мачета го нападна семејството Ѓоргиевски и беше убиен од дедото, имал 47 кривични пријави

5 mins read

Долго, полно и разновидно било криминалното досие на сега убиениот Стојанче Соколов, кој со мачета влегол во домот на својата поранешна сопруга со намера да ја убие и неа и членовите на семејството, но беше застрелан од таткото на девојката, битолчанецот Тони Ѓоргиевски Фердо.

Фердо доби триесетдневен притвор, а неговиот син Јове Ѓоргиевски пред битолскиот суд организираше протест, посочувајќи дека татко му убиството го сторил во самоодбрана, бидејќи Соколов сигурно ќе убиел барем шестмина во куќата, доколку не бил спречен во намерата. Тој семејната историја под влијание на проблематичниот Соколов ја опиша како мачна и опиша дека проблемите траеле повеќе од 20 години.

И кривичното досие на сега починатиот Соколов, го потврдуваат фактот дека тој имал пролеми со законот дури 47 евидентирани пати. Толку пати МВР му има поднесено кривична пријава по разни основи од 1999 до 2022 година. Против него, поднесение се 23 кривични пријави за тешка кражба, 8 кривични пријави за кражба, 2 кривични пријави за измама, 2 кривични пријави за недозволено изработување, држење и трговија со оружје, муниција и распрскувачки материи, 2 пријави за насилство, 2 пријави за загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, една пријава за загрозување на сигурноста при семејно насилство, и по една пријава за учество во тепачка, разбојништво, точење алкохол на дете, оштета на туѓи права, напад на службено лице при вршење работи од безбедноста, употреба на исправа со невистинита содржина, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Исто така, според информации на „Слободен печат“, тој минува и во другите органи како тие во Прилеп, Ресен, Крушево, Охрид и Скопје за извршени тешки кражби на нивните подрачја.

Во 2018 година, неговата поранешна сопруга го пријавила во полиција зашто и нанел тешка телесна повреда, по што полицијата му поднела кривична пријава за семејно насилство со нанесување телесна повреда. Оваа е единствената пријава за семејно насилство поднесена против него.

Битолчани на социјалните  мрежи сѐ повеќе ја искажуваат поддршка за Тони Ѓоргиевски, кој во моментот кога го убил Соколов, всушност го бранел целото свое семејство. Неофицијално, целиот настан е снимен со камера во домот на семејството.

На 21 февруари, сега починатиот Соколов, вооружен со долг нож мачета, со клоци се нафрлил на дрвената врата од домот на осомничениот и ја искршил. Кога влегол внатре во ходникот од куќата, бил пречекан од осомничениот кој пукла во него со пиштол кој го имал со дозвола. Истреланите два куршума биле фатални за 44-годишниот Соколов кој починал на лице место. Неговото тело е предадено на обукција, а се прибираа траги од лице место кои ќе бидат вештачени.

Јавниот обвинител на битолчанецот Тони Ѓоргиевски, осомничен за убиството, му определи 30 дена притвор и обвинителството го товари за кривично дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот Законик. Таму пишува дека ,,тој што ќе лиши од живот друг ќе се казни со затворска казна од минимум 5 години”.

-Оваа работа се случи во самоодбрана, дојде со намера да не утепа. Овој проблем го имаме повеќе од 20 години и пријавувано е во полиција и во социјалните служби. Дојде дома со намера да не утепа. Немаше друго решение, јас буквално бев лично до татко ми. Кога ја скрши вратата видов не човек туку зомби. Не нападна со ножот и се случи што се случи. Пукна татко ми со пиштолот, падна наземи и толку, рече на протестот пред битолскиот суд синот на Фердо, Јове Ѓоргиевски.

Семејството на протестот побара основниот суд Битола да ја преиначи одлуката и да му дозволи на неговиот татко да се брани од слобода наместо од притвор, бидејќи делото го направил во самоодбрана и во нужна одбрана и спасил пет животи а заедно со сопствениот – шест. Битолчани го опишуваат Фердо како пријател и добар човек, кој си ја бранел ќерката од насилниот невенчан сопруг.

Семејството се обидува да докаже дека убиството било извршено во самоодбрана, откако пред неполни две недели велешкиот суд досуди дека велешанката Пале не е виновна за убиство, туку за убиство во самоодбрана и доби ослободителна пресуда. Со ова беше поставена нова историја во македонската судска пракса во насока на заштита на жртвите на семејно насилство.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: На Јокиќ му недостасуваше една асистенција до нов „трипл-дабл“

Следно

Град Скопје објави јавен повик за користење на локации за поставување на урбана опрема во Градски парк

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian