Првите резултати од скринингот за ковид за Скопје се чекаат кон крајот од неделава

3 mins read

Скринингот на населението кој треба да покаже дали граѓаните имаат стекнат имунитет против коронавирусот, уште не е завршен и се спроведува на различни локации во државата, со граѓани од различни возрасти, потврдува за „Слободен печат“ министерот за здравство Беким Сали. Претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на институтот за имунологија доктор Александар Петличковски вели дека првичните резултати за Скопје ќе бидат познати кон крајот на неделава.

Во меѓувреме ситуацијата со коронавирусот привидно стивнува, со намален број на новодијагностицирани случаи и здравствената состојба постепено се подобрува. Токму серолошкиот скрининг, кој треба да покаже колкав процент од населението стекнало имунитет или со вакцинација или со прележување на ковид, ќе биде пресуден за следните чекори на Комисијата за заразни болести односно за да се види дали ќе се олабават тековните мерки за заштита.

-Епидемиолошката состојба во цела држава благо се подобрува, односно се намалува пикот од четвртиот бран. Нивото на вакцинација и целосна имунизација кај нас е пониска од државите членки на ЕУ. Ние посакуваме позитивни резултати од оваа анализа за да потоа ги намалиме мерките односно да бидеме послободни за функционирање. Ако добиеме позитивни резултати според кои ќе има над 70 отсто од вкупната имунизација во државата, тогаш ќе почнеме со олабавување и олеснување на мерките, вели министерот за здравство Беким Сали.

Во серолошкиот скрининг кој го спроведува Институтот за имунологија со тестови со висока сензитивност, се планирани 3 илјади анализи од кои илјада во Скопје, а останатите во градовите од внатрешноста. Меѓутоа, локациите на кои се врши собирање на примероците, не се откриваат, бидејќи имунолозите не сакаат граѓаните наменски да доаѓаат за тестирање.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести, реши во државата да се спроведува и серолошки скрининг за да се види колку деца од школска возраст се позитивни на коронавирусот. Овој скрининг исто така е во тек и одзивот кај родителите е задоволителен, бидејќи собрани се над 4 илјади согласности за спроведување на скринингот за само еден ден. Одлуката да се врши скрининг на децата во училишна возраст, дојде откако Комисијата утврди дека кај лицата од 6 до 14 години, почна да расте бројот на позитивни лица и се сака да се утврди дали стапката на инфекција е поврзана со наставата со физичко присуство. Меѓутоа, досега од 200 анализи кои се завршени, позитивен е само еден резултат, што е индикатор дека серолошкиот скрининг кај децата би можел наскоро да заврши, ако продолжат истите трендови.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, за еден ден починале 7 лица од ковид и тоа сите во болница. Сите имале коморбидитети. Од направени 3974 тестови, регистрирани се 668 нови позитивни случаи. Бројот на активни случаи изнесува 7595 лица.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО+ВИДЕО | Си направил свој остров: Канаѓанец живее сам и се грижи за животната средина

Следно

Сашко Коцев и „Нептун“ во нова авантура полна со иновации и изненадувања за потрошувачите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian