Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска се сретна со претставници на организации и здруженија на Бугари во Северна Македонија и им кажа дека нивните права му се приоритет нему и на целата бугарска влада, соопшти прес-службата на бугарскиот премиер.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, средбата се одржа на нивна иницијатива, а премиерот Петков ја претставил последната информација за текот на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, во чијшто фокус е вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
Петков ја запознал делегацијата за неговите разговори со партнерите од Европската Унија во однос на евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Претставниците на македонските Бугари изјавиле дека веруваат во новиот пристап инициран од бугарската влада, затоа што се убедени дека проблемите може да се решат единствено со дијалог.