Голготата на „Лев Тахор“ продолжи и во Охридско

3 mins read

Откако пред три дена со полициска придружба се сместија во хотел во охридското село Горно Лакочереј, групата од 37 луѓе, од кои половината се малолетни деца, сега се непожелни и таму

Членови на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ („Чисто срце“) во рок од десетина дена мораа да менуваат три локации за сместување. Откако беа протерани од Куманово и од Скопје, пред три дена со автобус и со полициска придружба се сместија во хотел во охридското село Горно Лакочереј, но и таму не најдоа мир. Групата од 37 луѓе, од кои половината се малолетни деца, ретко излегуваат надвор, иако имаат легален привремен престој во земјава.

Дел од жителите на Горно Лакочереј излегоа на улица со барање групата да замине бидејќи се плашеле за својата безбедност, во спротивно ќе излезат на масовни протести.

– За првпат чувствувам ваков страв. Бараме групата да се исели од селото. Сакаме само да си заминат оттука. Читаме дека се непожелни и поради тоа не сакаме да биде присутна тука. Се зборува дека киднапирале деца, иако ние тоа не можеме да го тврдиме, но стравот постои. Не случајно е избрано ова село, кое е чисто православно со пет цркви – велат мештаните.

Дополнително, велат жителите, проблем е што хотелот се наоѓа на 200 метри од училиштето во кое учат нивните деца. Во селото е присутна и полицијата. Од МВР апелираат на покажување толеранција кон овие луѓе, бидејќи имаат право да се движат слободно.

Фото: Алфа ТВ/принтскрин

Ова е прв случај на антисемитизам во нашата земја и сигурен сум дека ќе влезе во меѓународните извештаи, а тоа нема да се отслика добро за нашата држава и општество. За првпат постапува и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а се однесува на странски граѓани. Со оглед на комплицираноста на случајот, овој предмет заслужува координација помеѓу повеќе институции за да видиме што точно се случи, вели Кире Василев, претседател на КСЗД за „Утрински брифинг“.

– Во овој случај има големи индиции за дискриминација, но од она што го слушаме во медиумите е како да има и говор на омраза, но и дело од омраза, што е кривично правна материја, за која ние немаме надлежност да ја проследиме. Целосно се прекршува нашиот закон. Ние разговаравме со членовите на групата. Ова е антисемитистички испад во нашето општество и тоа загрижува – вели Василев, кој вели дека тоа што се фрлало камења врз деца многу загрижува.

Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и државјани на земји од Јужна Америка, до пред две недели престојувала во Босна и Херцеговина, каде што исто така биле пречекани со недоверба и непријателство од локалните жители, по што дошла во Македонија. Како што изјавија самите, членовите на групата не планираат да останат во земјава, туку да продолжат. Тие во изминатава година престојувале и во САД, Канада, Израел и во Романија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Периќ: Уште еднаш покажавме дека Е. Пелистер е добар тим

Следно

Андоновска: За кои протоколи говори власта, каде можеме да ги видиме истите, тие не постојат воопшто

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian