Балканските земји го осудија потегот на Путин

4 mins read

Силно го осудуваме признавањето од страна на Русија на украинските области Доњецк и Луганск како независни, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.

– Ваквите акти претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Северна Македонија уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, наведува Османи, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на т.н. Доњецка народна република и Луганска народна република во Украина.

Турција смета дека е неприфатлива одлуката на Русија да ја признае независноста на т.н. Доњецка и Луганска народна република, соопшти Министерството за надворешни работи на земјава.

„Одлуката на Руската Федерација да ги признае таканаречените републики Доњецк и Луганск е кршење на Договорите од Минск, како и јасно нарушување на политичкото единство, суверенитет и територијалниот интегритет на Украина. Оваа одлука на Русија ја сметаме за неприфатлива”, се вели во соопштението на Министерството.

Официјална Тирана  ја осуди одлуката на Русија да ги признаe самопрогласените „Доњецка народна република” и „Луганска народна република” и ја повтори подршката за Украина.

Во Албанија прв реагираше претседателот Илир Мета, кој, откако ја осуди одлуката на Русија,  во официјална реакција оценува дека овој униталатерален акт претставува “тежок прекршок на меѓународното право, договорот од Минск и го поткопува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина”.

„Албанија останува обединета со партнерите и сојузниците во подршката за Украина”, напиша Мета.

И министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка,  ја осудува руската одлука и наведува дека тоа е јасно кршење на меѓународното право,  договорот од Минск, како и закана по територијалниот интегритет и независноста на Украина.

И таа, како и Мета посочува дека “Албанија останува обединета со партнерите и сојузниците во поддршката за Украина”.

Министерот за одбрана Нико Пелеши смета дека оваа одлука на Русија е опасно  движење кое носи нејаснотии за мирот, безбедноста и стабилноста на европскиот континент.

– Ќе останеме цврсти во поддршката за нашите украински партнери, а НАТО  Алијансата е пообединета од кога било, стои во објавата на Пелеши.

 Поради ситуацијата во Украина, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за утрово закажа вонреден состанок на владиниот совет за национална безбедност на кој ќе присуствува и министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас, јави дописничката на МИА од Атина.

За напладне беше планирано Мицотакис да даде интервју за спортско радио, меѓутоа од неговиот кабинет, синоќа соопштија дека „поради последните случувања во Украина, интервјуто се одложува” и најавија дека ќе го свика владиниот совет за национална безбедност.

Бугарскиот премиер Кирил Петков на својот профил на Твитер експресно ја осуди одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае Доњецк и Луганск како независни ентитети.

Како што пишуваат бугарските медиуми, Петков напиша дека Бугарија продолжува да го поддржува територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

„Мора да се почитува меѓународното право”, напиша бугарскиот премиер и додаде дека Европската Унија ќе одговори обединето во својата одбрана.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Продолжува собраниската расправа за Законот за минимална плата

Следно

Отворени разговори за менталното здравје: Анксиозноста кај младите во време на пандемија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian