ВИДЕО | Андреа за евровизиската песна: Музиката ми помогна да го надминам лошиот период од животот

4 mins read

Да се пее на евровизиската сцена е голем сон и предизвик за бројни музичари ширум Европа. Годинава, тој сон ќе ѝ се оствари и на младата и талентирана пејачка Андреа Коевска.

Во разговор за МИА, Андреа сподели дека напорно работи на сè што е поврзано со настапот во Торино бидејќи сака да ја престави Македонија, но и себеси, во најдобро светло.

„Покрај Масе и МРТВ, имам и свој тим што стои зад мене оваа година и пол и секојдневно ми помага во градење на мојата кариера. Кога станува збор за Евросонг, се фокусирам на тоа што можам да го контролирам. Не може да знаеме со сигурност што ќе се случи таму, но одам со позитивна енергија и со желба да влеземе во финале“, вели таа.

Исто така, таа ја раскажа приказната која стои зад нејзината песна „Circles“, чиј композитор е Александар Масевски-Масе.

„Кога ја напишавме песната сите коцки се склопија. Масе во секој момент умее да ми ја почувствува енергијата и знае што точно треба јас да извадам од себе за да надминам каква било ситуација. Во периодот кога ја пишувавме песната се наоѓав во една многу токсична врска. Зошто велам токсична? Затоа што се вртевме во круг и ни се чинеше дека нема излез. Но, ова е случај и со многу други сегменти од нашите животи – сакаме да промениме нешто, се трудиме, не успеваме, и така тоа оди во круг… а, ретко ни текнува дека решението лежи во нас – промената треба да почне од нас“, раскажа Андреа за МИА.

За тој лош период од животот, Андреа зборуваше и во емисијата „Без маска“ на „Репортер“.

„Ми требаше една и пол година да се опоравам, но музиката ми помогна да го надминам тој лош период“, вели таа.

Иако живеела само една година во Америка, младата пејачка вели дека ѝ е многу мило што доживеала да биде меѓу луѓе од различни раси и култури.

„Кога имав пет години, татко ми доби работна пракса од една година во Америка, па семејно се преселивме. Имено, татко ми е професор на Правниот факултет. Секако, тоа беше многу убава можност бидејќи нашиот мозок прима сѐ кога сме мали. Затоа, можам да кажам дека сум привилегирана што сум живеела во Америка и што сега прекрасно говорам англиски јазик.

Живеевме во Харлем и одењето во градинка ми беше многу убаво. Јас бев единствено бело дете меѓу сите деца од различни раси и култури – тоа ти го збогатува животот. Многу ми е мило што сум го доживеала тоа“, се присети Андреа за „Без маска“.

Навраќајќи се на детските денови во Америка, Андреа вели дека првите музички влијанија ги имала токму во Харлем.

„Се сеќавам на културата, се сеќавам кога за првпат слушнав госпел-хор. Тоа ми беше некој индикатор, нешто разбуди во мене и си реков: ‘И јас сакам да правам вакво нешто’. Едноставно, тоа е момент кој не се заборава“, раскажа таа.

Андреа ќе настапи на втората полуфинална вечер на 12 мај, а ние ѝ ја испраќаме сета среќа за да ја чуеме и во големото финале на Евровизија кое ќе се одржи на 14 мај во Торино, Италија.

Разговор со Андреа во пресрет на Евровизија: Кога веруваш во себе и својата песна, тоа е доволно!

www.slobodenpecat.mk

Претходно

МАЈКА МОНСТРУМ: Си го обезглавила детето, го убила кучето, полицијата ја најде распеана и весела

Следно

Дибиров: Ако сакаме во осминафинале на ЛШ, мора да го победиме директниот конкурент

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian