Синдикатите се „скараа“ како да ги заштитат наставниците

4 mins read

За разлика од ССМ кој повикува на блокирање на Собранието поради наставниците што немаат решен работен статус, СОНК најавува штрајк во случај да не им се зголемат платите на вработените во образованието.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не можат да се договорат кои права на наставниците да ги штитат и на кој начин. За разлика од ССМ кој повикува на протест со граѓанска непослушност и блокирање на влезот на Собранието да изнудат од пратениците решение за наставници што немаат решен работен статус, СОНК веќе подолго време најавува штрајк во случај да не се зголемат платите на наставниците

– Доколку ССМ достави образложение до СОНК зошто сакаат да протестираат, јас ќе свикам орган по кој ќе одлучиме дали ќе се приклучиме на протестот. Во моментов не можам да одговорам паушално и во лично име – изјави за „Слободен печат“ првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

– Не е принципиелно ССМ да повикуваат на протест без нас да нè известат. Тие ги повикуваат нашите членови и преку нив сакаат да покажат масовност, што  не е во ред, како што не е во ред СОНК да зазема страна за нивното барање. Неопходно е да се усогласиме со ставовите. Сметам дека ако законот за наставниците е пречка да се зголемат платите, колективниот договор тоа може да го овозможи. Или станува збор за незнаење или за политичка заднина – вели Неделков.

Тој не гледа причина зошто да не може да се трансформираат сите наставници што ги исполнуваат условите, а за кои се бара регулирање на нивниот статус. За СОНК е дискутабилно и првото вработување на наставникот да биде на неопределено време, без положен стручен испит и приправнички стаж, како што се предлага во Собранието.

Владо Димовски од Прогресивниот синдикат на образование вели дека ако законот не излезе на трето читање, ќе се радикализираат.

– Ние бараме трансформацијата на работните места на 4.700 наставници што се на определено време. Има наставници што по 15 години работат на определено, поради злоупотребата на политичките партии. Не треба да има стравување за стручноста на наставникот, бидејќи ниту еден наставник нема да добие решение за неопределено ако нема положено стручен испит, а за да го положи стручниот испит, една година мора да работи со ментор, по што следува полагање кое се состои од три дела. Од друга страна, има несекојдневна појава на вработување наставници со несоодветно образование. Дури 1.624 наставници работат без факултет. Во средното медицинско „д-р Панче Караѓозов“, наставници им беа врсници на учениците од четврта година – вели Димовски, кој додава дека ако законот не се усвои, заедно со наставниците без решение за неопределено ќе го блокираат Собранието.

Дарко Димовски од ССМ вели дека нивното барање е да се дадат договори на сите наставници на неопределено време, без разлика на приправничкиот стаж.

– Во нашето барање нема ништо несиндикално. Ние бараме да се трансформира договорот за вработување на наставниците – дополнува Димовски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Официјално: Додиќ до крајот на сезоната во Вардар 1961

Следно

ЈП Лајка стартува повторно со отворени денови за сите љубители на кучиња

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian