Силно го осудуваме признавањето од страна на Русиjа на украинските области Доњецк и Луганск како независни, напиша вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи на Твитер.
„Ваквите дела претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Северна Македонија уште еднаш ја искажува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, напиша Османи.

Рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање до нацијата ја образложи одлуката според која има намера да го признае суверенитетот на т.н. Доњецка Народна Република и т.н.Луганска Народна Република во Украина, кои не се признаени од ниту една членка на ОН.