Се тестира нова вакцина против ковид-19: Инхалација, наместо шприц и игла

4 mins read

Вакцина со инхалација наскоро би можела да ја замени класичната вакцина против ковид-19, а некои експерти веруваат дека вакцината што треба да се инхалира би можела да биде многу посилно „оружје“ во борбата против ковид 19. Како што тврдат тие, вакцините што би се користеле како инхалација не само што можат да обезбедат поефективна заштита, и тоа во помали дози, правејќи ги вакцините подостапни за повеќе луѓе ширум светот, пренесува „eklinika“.

Инхалацијата ја насочува вакцината до деловите од телото каде што е најпотребна

„Насочувањето на вакцините кон одредени анатомски делови од телото каде што имунитетот е најважен може да обезбеди потрајна и сеопфатна заштита од вакцините кои се инјектираат кога се во прашање респираторните вируси“, рече д-р Амеш Адаља, постар научник во Центарот за здравствена безбедност „Џон Хопкинс“ во Балтимор.

Новоразвиената вакцина против ковид-19 што треба да се инхалира штотуку е направена во Канада, каде што истражувачите од Универзитетот МекМастер ја завршија лабораториската студија која покажа дека нивната нова вакцина е безбедна за глувците и создала силен имунолошки одговор.

Истражувачите сега ја префрлиле својата нова вакцина на клиничко испитување во фаза 1 за да видат дали ќе го зајакне имунитетот кај здрави возрасни лица, кои веќе примиле две „mRNA“ вакцини против ковид-19. Канадските истражувачи ја даваат оваа вакцина на пациентите, односно ја доставуваат преку небулизатор, уред кој течноста ја претвора во аеросол, кој се вдишува преку устата и длабоко во белите дробови.

„Знаеме дека кога го стимулираме имунитетот во белите дробови, квалитетите на тој имунитет се фундаментално различни од типовите одговори што ги стимулираме кога  вбризгуваме вакцина во нечии мускули“, рече водечкиот автор на студијата Метју Милер, професор на „Institute for Infectious Disease Research“ во Онтарио.

Вакцината како инхалација е појака

Вакцините против ковид-19 во форма на класични инјекции, кои се инјектираат во мускулот на раката, се покажаа како ефикасни, но произведуваат имунолошки одговор кој мора да циркулира низ телото пред антителата да завршат во носот и белите дробови – каде што ни треба најсилна заштита на дишните патишта од вирусот SARS-CoV-2, велат експертите.

„Реакцијата предизвикана со инхалација е многу помоќна, бидејќи регрутира клетки, кои во суштина живеат во белите дробови и чекаат да бидат изложени на патоген, во овој случај „SARS-CoV-2“. Овие клетки не се присутни кога вакцината се дава интрамускулно. Вакцините со инхалација, исто така, имаат поголема веројатност да го зајакнат имунитетот во најдлабоките делови на белите дробови, каде што ковид-19 може да направи најголема штета“, објасни професорот Милер. „Со фокусирање на тој имунолошки одговор на белите дробови, можеме да користиме многу помали количини на вакцина. За време на оваа пандемија, доживеавме глобален недостиг на достапност на вакцини. Овој ефект на заштеда на доза значи дека би можеле да произведеме сто пати повеќе вакцини или да вакцинираме сто пати повеќе луѓе во исто време, со иста количина на материјал“, нагласи Милер.

За оние кои се плашат од игли, инхалацијата е идеална варијанта на заштита

Вакцините со инхалација би биле исто така многу корисни во промовирањето на вакцинацијата за заштита од ковид-19 ширум светот, бидејќи нема да бидат потребни игли и шприцови, што може да биде тешко да се набават во сиромашните земји и се корисни за луѓето кои страдаат од трипанофобија или страв од игли.

Професорот Метју Милер и неговите колеги не се единствените кои ги истражуваат придобивките од вакцината со инхалација. Индиската компанија „Bharat Biotech“ разви вакцина против ковид-19 која би се прскала во носот. Во јануари, таа доби одобрение да започне фаза 3 со човечки клинички испитувања.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

По примерот на многу европски земји и Италија ги попушта мерките против коронавирусот

Следно

Дејвис: Нашето „класико“ сезонава, ќе биде борба против ППД Загреб

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian