Молк по седницата на српскиот Советот за национална безбедност со кој председаваше Вучиќ

3 mins read

Заврши седницата на Советот за национална безбедност, со која претседаваше претседателот на Србија Александар Вучиќ, а на кој беа премиерката Ана Брнабиќ, министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, министерот за полиција Александар Вулин, министерката за правда Маја Поповиќ, министерот за финансии Синиша Мали, началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, директорите на разузнавачките БИА, ВБА и ВОА, како и командантот на САЈ Сасоје Вулевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Седницата се одржа по повод состојбите во Источна Европа и во регионот на Западен Балкан.

Вучиќ на инстаграм профилот „будуќностсрбијеав” напиша:

-Важни договори за 1. Зачувување на мирот и стабилноста во регионот; 2. Подобрување и зголемување на нивото на безбедност за нашата земја и граѓаните; 3. Анализи и конкретни дејствија при набавка на суровини и важни стоки кои поради светската криза би можеле да станат дефицитарни. Србија е на безбеден пат!

По седницата немаше изјава, а за заклучоците ќе биде дадено соопштение.

Аналитичарите во Србија претходните денови оценија дека Белград ќе мора да се откаже од својата неутрална позиција и дека Србија се наоѓа во растечки клинч меѓу Вашингтон и Москва, но и Брисел.

Темата за кризата во Украина е многу сложена за односите меѓу Србија и Украина.

Кога станува збор за анексијата на Крим, Србија не ја призна руската анексија, исто како што Украина не ја призна независноста на Косово.

Доброволци, платеници од Србија, се бореа за проруските сили во текот на 2014 година и за време на некои помали кризи. Некои беа осудени пред украинските судови, некои пред српските, а се случуваше оние кои добија условни казни во Србија повторно да заминат да се борат на страната на проруските сили.

Иако официјалната позиција на Белград е да не ја признае анексијата на Крим, од друга страна, Србија беше една од 26-те земји на Генералното собрание на ОН во 2017 година што гласаа против усвојувањето на резолуции за осуда на кршењето на човековите права на Крим, на што Киев реагираше.

Официјален Белград досега во неколку наврати порача дека Србија е посветена на дипломатско решение на кризата меѓу Русија и Украина.

Ова во неодамнешното соопштение го истакна и Министерството за надворешни работи (МСП), во кое се наведува дека евентуален конфликт ќе има негативно влијание врз надворешната политика на Белград, „имајќи предвид дека сме два пријателски и братски словенски народи”.

МСП, исто така, порача дека Србија не е дел од конфликтот меѓу Русија и Украина.

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Целосно обновено осветлувањето на паркингот под Транспортен центар

Следно

Неплодност – Дали е време за загриженост?

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian