Членови на Комисијата за избори и именувања бараат Џафери веднаш да свика седница

2 mins read

Пратеници од повеќе политички партии во Собранието денеска почнале постапка и поднеле барање до претседателот на Парламентот Талат Џафери за итно свикување седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата, затоа што Комисијата нема претседател откако претходниот беше избран за градоначалник на локалните избори лани во октомври, поради што нејзината работа е закочена. Работата на Комисијата треба да се откочи, сметаат пратениците, и за да може да се изберат нови уставни судии.

-Врз основа на член 120 став (2) од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, ние како пратеници бараме да се закаже второто продолжение на 13-тата седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова барање го поднесуваме со потписи на седум од вкупно 13 членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, рече на денешната прес-конференција пратеникот и координатор на ВМРО-ДПМНе Никола Мицевски.

Тој додаде дека бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а, како што рече, од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратениците согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја превзеле оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија.

-Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата. Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија, рече Мицевски.

Тој додаде дека нивна цел е ефикасност и подобрување на правосудниот систем во целост, и, како што нагласи, токму затоа бараат и ги повикуваат колегите пратеници од мнозинството да го поддржат ова барање и час поскоро да се одржи седницата и конечно по повеќемесечно чекање да се изберат уставните судии.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Дибиров: Ако сакаме во осминафинале на ЛШ, мора да го победиме директниот конкурент

Следно

Целосно обновено осветлувањето на паркингот под Транспортен центар

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian