По над 50 часа од пожарот на траектот во Грција, пронајден жив еден од исчезнатите

3 mins read

По два дена од избувнувањето на пожарот, по над 50 часа поминати во гаражата на траектот, утрово беше пронајден жив и спасен еден од 12-те исчезнати патници од бродот „Euroferry Olympia” што во петокот наутро се запали во близина на Крф додека од Грција пловеше кон Италија, а паралелно продолжува потрагата по останати патници, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми станува збор за 21-годишен државјанин на Белорусија, возач на камион, кој сам успеал од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи, а потоа и превентивно пренесен е во болница.

Првичните информации се дека е во добра здравствена состојба и со оглед на тоа дека сам се симна од траектот во спасувачкиот чамец на грчката крајбрежна служба.

Спасувањето на еден од исчезнатите влева надеж дека може да се живи и останатите 11 исчезнати, а грчките медиуми пишуваат дека 21-годишниот на спасувачките екипи им рекол дека слушал гласови од гаражата.

Портпаролот на крајбрежната служба на Грција Никос Алексиу за грчката телевизија ЕРТ утрово рече дека постои оптимизам и за други преживеани.

-Фактот што под овие неповолни услови, човекот успеа да излезе на палубата и да ги извести припадниците на крајбрежната и противпожарната служба кои беа на бродовите, за да може да биде спасен, ни дава надеж дека може и други од исчезнатите да се таму, рече Алексиу.

Потрагата на специјалните спасувачки единици беше прекината во текот на ноќта и поради мракот и поради високите температури над траектот што достигнаа до 500-600 степени Целзиусови, а спасувачката акција продолжи рано утрово.

Траектот со помош на реморкери е извлечен и е префрлен во побезбеден дел во морето, но сè уште се гаси пожарот, а потоа ќе биде однесен и на некое од пристаништата на Крф.

Вчера, капетанот и двајца службеници од бродот беа уапсени, изведени пред јавен обвинител, каде по дадените објаснувања беа ослободени и беше покрената прелиминарна истрага.

Пожарот изби во петокот, по четири часот наутро, од засега непознати причини, додека италијанскиот траект „Euroferry Olympia” пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса, а тргнал од Игуменица за Бриндизи.

Според официјалниот список, имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.

Дополнително произлезе дека меѓу спасените се и две лица, веројатно мигранти, кои патувале нелегално, без билет.

Спасени се вкупно 281 лице, а 11 се водат за исчезнати.

 

Извор: МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Обезбедувањето на Филипче од МВР може да чини над стотина илјади евра

Следно

Украинскиот претседател повика на итен прекин на огнот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian