Ќе се претвори ли Собранието во кино за гледање снимки?: Хаос, викотници и свирежи наместо комисиски расправи

7 mins read

Џафери сè уште не ги повикал координаторите од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската снимка да утврдат кој е виновен за блокадата на Комисијата за политички систем. Опозицијата обвини дека кабинетот на Џафери ќе се претвори во кино за гледање снимки, а самата побара снимка и од Комисијата за образование.

Наместо расправа за закони, во македонското Собрание и вчера имаше расправии. Хаос, блокади, хорско викање, свирежи од опозициските пратеници, тоа го одбележа и вчерашниот ден во законодавниот дом кој речиси и не функционира откако се смени владиното мнозинство со влегувањето на пратениците на Алтернатива во Владата, односно заминувањето на Беса во опозиција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери иако најави, сè уште не ги повикал координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ заеднички од собраниската снимка да утврдат кој е виновен за блокадата на Комисијата за политички систем. Пратеници од опозицијата коментираа дека кабинетот на Џафери ќе се претвори во кино за гледање снимки од комисиски седници.

Обиди за физичко насилство, закани и хаос

На раб на инцидент беше седницата на Комисијата за образование. Од СДСМ обвинија дека блокадите на законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование се претвориле во обиди за физичко насилство, закани и хаос.

– Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваат ниту да почне расправата за овие измени, а не, пак, тие да бидат донесени. Срамно, ниско и безобразно е денешното однесување на пратениците од ВМРО-ДПНМЕ – рекоа од СДСМ.

Од опозицијата обвинија дека претседателката на Комисијата Жаклина Лазаревска се обидела да ја почне комисиската расправа без утврден дневен ред што било причина пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бурно да реагираат. Тие и од оваа комисија побараа снимка од седницата. Според Лазаревска, дневниот ред на оваа седница, која имаше петто продолжение, бил изгласан со осум гласа „за“ на седницата на 17 јуни 2021 и затоа продолжуваат со работа.

Неодамна, сличен хаос се случи и на Комисијата за политички систем. Тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ не дозволи да почне седницата на која требаше да се расправа за Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители. При обидот на претседателката на Комисијата Соња Мираковска да ја почне расправата, бурно реагираа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои обвинија дека власта се обидува да ги заобиколи процедурите со ставање на европско знаменце на законот. ВМРО-ДПМНЕ спори и дека Мираковска не го отворила дневниот ред. Според претседателката на Комисијата, пак, законското решение е влезено во собраниска процедура преку претседателот на Собранието до Комисијата и нивна обврска е да го разгледаат.

Се „штанцаат“ ли законите со европско знаменце?

Опозицијата ги блокира комисиите поради негодувањето дека законите се „штанцаат“ со европско знаменце за на брза лента да поминат во Собранието. Според опозициските партии, власта без утврден дневен ред се обидува да ги протурка законите на комисиите.

Го злоупотребува ли власта европското знаменце или бурните реакции и недозволувањето да почнат комисиските расправи се дел од опозициската стратегија за целосна блокада на Собранието? Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека станува збор за мешавина од двата фактори.

– Власта има мнозинство во Собранието и во принцип би требало без проблем законите да поминуваат во комисиите и на пленарните седници. Кога власта не би била блокирана од опозицијата во повеќето комисии, таа не би била мотивирана да става европско знаменце и на закони. Власта за да избегне расправа што би траела во недоглед или целосна блокада на законите, посегнува по европското знаменце, бидејќи во тој случај за законот се расправа најмногу три дена. Ситуацијата произлегува поради недостаток на политички дијалог и на политичка култура помеѓу власта и опозицијата. За тоа, поголема е одговорноста на власта, која треба да направи ситуација на инклузивност. Мора да се дискутира за отворените теми дури власта и опозицијата да не се согласуваат. Власта посегнува по европското знаменце за да избегне блокада. Но, тоа е само симптомот, мора болката да се решава – вели Арсовски.

Тој додава дека стратегиски интерес на опозицијата е да го блокира Собранието, но власта мора да најде начин да ја вклучи опозицијата.

Евроамбасадорот Дејвид Гир им порача на пратениците да не ја злоупотребуваат скратената постапка и европското знаменце во предлагањето на законите. Тој додаде дека Собранието мора да биде функционално, блокадите да се надминат, а власта и опозицијата повеќе да соработуваат.

– Мора да придонесете да се засили демократијата и владеењето на правото. Потребно е веднаш да го ревидирате Изборниот законик, да не се злоупотребува европското знаменце и да има помала употреба на закони по скратена постапка. Собранието мора да ја засили својата улога и да има конструктивен дијалог меѓу партиите – им порача Гир на пратениците.

Загрижувачки број закони по скратена постапка

Владата до Собранието испратила 46 закони со европско знаменце, за кои се тврди дека се усогласување со европската регулатива. Меѓу нив се и закони што претходно биле доставени по редовна процедура.

Во извештајот на Европската комисија за периодот јуни 2020 – јуни 2021 година се наведува дека треба да се посвети поголемо внимание при користењето на скратените постапки, кои треба да се ограничат за да се обезбеди ефективна контрола и разгледување на законодавството. Во извештајот се вели дека Собранието во тој период донело 159 закони, од кои 67 во редовна законодавна постапка и 79 по скратена постапка. Останува загрижувачкиот број закони донесени по скратена постапка.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Пресврт: Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Вимблдон

Следно

Вдомете куче: Денеска отворен ден во ЈП Лајка

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian