Двајца заглавени на бродот, најмалку десет исчезнати и спасени над 270 лица од пожарот на траектот во близина на Крф

3 mins read

 Две лица, возачи на камиони кои веројатно спиеле во гаражата на траектот сè уште се заглавени на бродот и во тек е акција за нивно спасување, најмалку десет лица се водат за исчезнати, а 277 патници и членови на екипажот се спасени и пренесени на Крф, по пожарот што избувна на траектот што сообраќал од Грција кон Италија, според информациите во грчките медиуми,

Според грчката државна телевизија ЕРТ исчезнати се 14 лица, девет бугарски државјани, тројца Грци и по еден државјанин на Турција и Литванија, а меѓу нив се и двајцата возачи кои успеале да стапат во контакт со спасувачките служби и чекаат да бидат спасени.

На островот Крф се префрлени 276 лица, патници и членови на екипажот кои биле на листата доставена од траектот, како и уште едно лице кое патувало без билет и веројатно станува збор за мигрант.

Спасените од пристаништето на Крф ќе бидат пренесени во хотели.

Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Јанис Коцопулос за грчката телевизија ЕРТ рече дека десет лица се хоспитализирани, од кои повеќето се со проблеми со дишењето.

Паралелно со спасувачката акција, во тек е и акција за гаснење на пожарот на самиот траект.

Според сведоштвата на патниците за грчките медиуми, капетанот околу 4.30 часот ги информирал дека треба веднаш да ги напуштат нивните кабини, да се соберат на палубите, по што со елеци за спасување биле пренесени и евакуирани во чамци за спасување, а подоцна преземени од бродови на крајбрежните служби.

Од грчката крајбрежна служба утрово соопштија дека биле информирани за пожар на траектот „Euroferry Olympia” што плови под италијанско знаме додека се наоѓал во морскиот дел североисточно од островот Ереикуса, додека пловел од Игуменица за Бриндизи.

– Според официјалната евиденција на екипажот и патниците што ги достави капетанот на бродот во Игуменица, пред неговото поаѓање, на „ Euroferry Olympia” имало 239 патници и 51 член на екипажот. Во тек е акција за спасување и транспорт на патниците на бродот. Целосната регистрација и идентификација на патниците ќе се изврши на Крф, рече Никос Лагадианос од грчката крајбрежна служба.

Тој додаде дека во морскиот дел во близина на траектот се четири патролни бродови и еден спасувачки брод на грчката крајбрежна служба, чамец на италијанска економска полиција, два брода што се во близина, два приватни чамци, четири хеликоптери, од кои два од военото воздухопловство и по еден од крајбрежната служба и воената морнарица, една фрегата, како и реморкери.

Причината за пожарот на траектот засега не е позната.

Извор МИА

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Стефковски: Се гради пешачка патека Виниче – Црешево

Следно

Франција: Инфлацијата во јануари се зголеми на 2,9 отсто

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian