Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ денеска беше пречекан во Дубаи каде го посети српскиот павилјон како дел од Светската изложба „Експо 2020“, пренесува агенцијата АП.
– Возбуден сум што ќе излезам на теренот следниот понеделник. Ми недостасува после сè што се случи – рече Ѓоковиќ за АП.
Откако беше два пати притворен и на крајот депортиран од Австралија пред првиот Грен слем турнир во сезоната минатиот месец, Ѓоковиќ за неколку дена ќе се врати на терените на турнирот во Дубаи.
Ѓоковиќ претходно оваа недела изјави дека ќе го прескокне Отвореното првенство на Франција и Вимблдон, како и други турнири доколку мора да се вакцинира за да се натпреварува.
Во павилјонот се одржа настан организиран од неговата Фондација, Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, која го промовира образованието во раното детство.
Додека влегуваше во павилјонот опкружен од бројни новинари, навивачите аплаудираа и скандираа „Ноле“.
– Горд сум што сум овде – беа зборовите на Ѓоковиќ откако неговата сопруга Јелена одржа презентација за работата на Фондацијата.
Тој рече дека често му било тешко да се вклучи во работата на Фондацијата поради распоредот на турнирите, но додаде дека сега „не е зафатен како порано“, по што следеше аплауз од публиката.
Во тек е женскиот турнир во Дубаи, а машкиот ќе се организира во периодот од 21-26 февруари 2022 година.