Нема влошување на епидемиолошката состојба, во Скопје продолжува скрининг-тестирањето

3 mins read

Засега нема влошување на епидемиолошката состојба во државата, а надлежните остануваат на ставот граѓаните да ја примат и третата доза вакцина против ковид-19 како најдобра заштита од вирусот. Во сила остануваат истите мерки, откако Уставниот суд вчера не поведе постапка по иницијативата за укинување на ковид сертификатите.

Уставниот суд на вчерашната седница не поведе постапка по иницијативната поднесена на Одлуката на здравствените власти со која се забранува влез во објекти и делови од објекти наведени во одлуката, без поседување и приложување на сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза од вакцина против заразната болест ковид-19 и сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Судијата известител Вангелина Маркудова на седницата рече дека наводите во иницијативата се неосновани, бидејќи Одлуката на здравствените власти е разумна и е донесена за општо добро поради пандемијата со ковид-19, врз основа на препораките на СЗО.

И судијата Дарко Костадиновски се согласи дека Одлуката на здравствените власти е разумна, легитимна и е за општото здравје на граѓаните.

Спорно за подносителот на иницијативата Николче Марушевски, меѓу другото било ограничувањето на движењето. 

Инаку, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1.091 случај на ковид-19, од направени 3.702 тестови. Оздравеа 2.322 пациенти, а починале 36 лица.

Досега во земјава се направени вкупно 1.855.720 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 289.797. Бројот на оздравени пациенти е 272.184, на починати е 8.829. Има вкупно 8.784 активни случаи.

Во меѓувреме, продолжува серолошкиот скрининг во Скопје. Вчера, со логистичка поддршка од Општина Карпош, на платото во Т.Ц „Лептокарија”, Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, спроведе научно истражување, за да го утврди процентот на луѓе кои стекнале антитела од вирусот ковид – 19.

По случаен избор на граѓани, стручните лица од Институтот земаа примероци од крв, преку кои ќе го анализираат присуството на антитела на ковид-19, а по една седмица, граѓаните ќе добијат бесплатен клинички резултат по електронски пат, на својата мејл адреса.

Во рамки на вчерашниот серолошки скрининг во Карпош, беа земени околу 200 единици крв од потребниот примерок за анализа. Истражувањето ќе се спроведе и во другите скопски општини, при што треба да се испитаат вкупно 1.000 примероци, според кои треба да се утврди процентот на колективен имунитет на граѓаните од главниот град.

Серолошкиот скрининг кој почна во Скопје, е планиран да се спроведе на повеќе локации кои не ги откриваат со цел да не доаѓаат луѓе наменски да се тестираат, туку да добијат преглед за состојбата на терен од случајни минувачи.

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Претпладне облачно, попладне сончево и потопло

Следно

Презентација на трошковната анализа на производите за менструално здравје

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian