МЗТ Скопје ја прифаќа фаворитската улога во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“

7 mins read

Претстојниот викенд (18-20 февруари) во СРЦ „Кале“ ќе се одржи завршниот турнир во кошаркарскиот куп „Глагоја Георгиевски-Буштур“ на кој трофејот ќе го брани МЗТ Скопје. Во четвртфиналето „металците“ ќе играат против Гостивар, а тренерот на освојувачот на двојната круна ја прифаќа улогата на фаворит.

– Колку и да звучи клише, Купот е најинтересен во натпреварувањата на овој спорт, имајќи предвид дека еден натпревар решава кој ќе се пласира понатаму, а кој не. Во овој момент ние сме фокусирани само на Гостивар, клуб кој располага со млади, искусни и квалитетни играчи, која игра квалитетна кошарка со брза транзиција. Тоа се некои работи кои ќе мора да ги спречиме доколку сакаме да се најдеме во следната фаза. Фаворитската улога не ја оспоруваме. Ние сме МЗТ – вели тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ.

Гостиварци немаат намера во осминафиналниот натпревар да влезат со бело знаме и се надеваат на изненадување.

– Им посакувам на сите успешна и квалитетна игра, без повреди. Како противник уште во четвртфиналето го добивме МЗТ, можеби најнепосакуваниот тим затоа што во моментов е најквалитетна екипа со шест актуелни репрезентативци во составот и четири квалитетни странци и така несомнено е најголем фаворит во Купот. Меѓутоа колку и ние не ги посакувавме нив, мислам дека и тие не нè посакуваа во четвртфинале. Ќе се обидеме да ги изненадиме и да донесеме радост во Гостивар. Се подготвивме доволно, без разлика што имавме два меча во последните три дена. Имавме поголема прилика да го следиме противникот и во АБА 2 лигата. Ни одговара екипа која игра систем-игра, за разлика од другите побрзи екипи кои се базираат на транзиција и на трчање. Верувам дека овој дуел ќе биде квалитетен и нека победи подобриот – смета Александар Јончевски – шефот на стручниот штаб на Гостивар.

Една од највозбудливите четвртфинални двојки ја сочинуваат лидерот во првенството Пелистер и екипата на ТФТ. Минатата година Пелистер иако ја имаше фаворитската улога, загуби од Навико
Академија ФМП, а сега истото го посакуваат во таборот на ТФТ.

– Голема чест за нас е како млад клуб втора година по ред да играме во Купот на Македонија. Оваа година со плус една година искуство. За противник ја имаме непоразената екипа на Пелистер. Меѓутоа, условно кажано, играме на домашен терен и системот на натпреварување-елиминација дозволува можност да се надеваме дека може да бидеме поуспешни во однос на лани и можеби ќе успееме да дојдеме до првиот успех и победа во рамки на Купот. Сметам дека екипите кои ќе бидат најдобро физички подготвени ќе имаат предност, а за нашата екипа сметам дека е добро подготвена физички. Се надевам дека оваа година ќе имаме повеќе гледачи и ќе направиме празник за кошарката во претстојниот викенд – вели тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.

Третата четвртфинална двојка ќе ја сочинуваат екипите на Работнички и на Феникс 2010. За најтрофејниот македонски клуб финалниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ веројатно доаѓа во еден незгоден тајминг, кога новиот стручен штаб предводен од Игор Михајловски креира нов играчки ростер, во кој е неизвесно дали ќе има и некои нови играчи, оние од странство.

– Екипата на Работнички се наоѓа во специфична ситуација и клубот се реогранизира. Се надевам на подобри денови на Работнички во иднина. Имаме многу млада и неискусна екипа. Но истовремено и перспективна, надополнета со неколку странски засилувања, ако се работи напорно, во иднина ќе донесе позитивни резултати. Во Купот очекуваме да ги имаме новите имиња од САД, но секако не знам дали краткиот временски период ќе ни дозволи да ги регистрираме, и веројатно ќе имаме само еден заеднички тренинг. За мечот со Феникс 2010, се надевам дека ќе прикажеме добра игра и дека ќе го дадеме максимумот. И со достоен отпор и помош на нашата верна навивачка група ќе ги одбраниме боите на клубот. Нека биде празник на кошарката и нека победи подобриот – смета новиот тренер на Работнички Игор Михајловски.

Феникс 2010  за прв па игра во завршницата од Купот.

– Ние сме дебитанти во ова натпреварување, и првпат ќе играме во Купот оваа година. Немаме притисок, сакаме да се покажеме во најдобро светло. Што се однесува до натпреварот со Работнички, ова ќе биде поинаков од оној последниот во лигата. Ќе бидат засилени, наше е да ја прикажеме нашата игра, па нека победи подобриот – смета Денис Дервишевиќ.

Четвртфиналето ќе биде затворено со натпреварот Еуро Никел 2005-Навико Академија ФМП. Горан Самарџиев кој успешно го предводи составот од Кавадарци, очекува победа на првиот меч од турнирот кој ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје.

– Сакам на сите да им посакам успех во Купот, во кој ние влегуваме со очекување за победа на првата средба. Мислам дека сме спремни, играме со Академија ФМП која ја респектираме. Имаме 1-1 во меѓусебните дуели. Без разлика што ги победивме во Кавадарци на последната средба, Купот е специфичен и мора да бидеме мотивирани и фокусирани – вели Самарџиев.

Пред средбата која се игра во петок, од 19.30 часот, свои размислувања има и капитенот на Навико Академија ФМП, Лука Стојановски:

– Нашиот менталитет во Купот е да играме од меч во меч. Имаме квалитет да се носиме со секого. Еуро Никел 2005 не го потценуваме. Мислам дека може да ги добиеме и по вторпат оваа сезона. Наше е да покажеме што знаеме- вели младиот кошаркар на „лавовите“ од Кисела Вода.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ФОТО | Принцот Хари и Меган Маркл се на голема мака: Скапиот имот е во околина што „труе“ на скапани органи!

Следно

Ковачевски-Предан: Словенија силно ги поддржува европерспективите, потребен е фокус на сите кон напредокот на државата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian