Лига на шампиони: Италијанскиот шампион се надева на изненадување против вицешампионот на Англија

3 mins read

Покрај пресметката помеѓу ПСЖ и Реал Мадрид, една од највозбудливите двојки во осминафиналето на Лигата на шампионите е и таа на шампионот во Серија А и вицешампионот во Премиер лигата, Интер и Ливерпул, а фаворитската улога ја има англискиот тим.

Фудбалерите на Интер по точно десет години, повторно се наоѓаат во нокаут-фазата во ЛШ, но налетаа на еден од главните фаворити на трофејот, Ливерпул.

– Првиот чекор беше да ја поминеме групата и таа цел ја исполнивме. Заслуживме да играме во осминафиналето. Ливерпул е еден од најдобрите европски клубови, има одличен тренер, имаат опасен контранапад, а нивните бекови вршат одлична работа и во нападот и во одбраната. Ливерпул е фаворит на хартија, но ние сме мотивирани – го најави дуелот со Ливерпул, Симоне Инзаги, тренерот на Интер.

Ливерпул кој одлично играше и без двајцата најдобри играчи, Садио Мане и Мохамед Салах, во последните два натпревари оствари лесни победи над Лестер и над Барнли.

– Со враќањето на Мане и на Салах имаме повеќе опции и тоа ќе се обидеме да го искористиме. За вакви натпревари потревна ни е свежина, а екипата знае дека нема постојано да играме со истиот тим. Интер има одлични играчи и фантастичен тренер и изгледа добро на теренот – вели тренерот на Ливепрул, Јирген Клоп.

Последен пат Ливерпул и Интер во ЛШ играа во 2008 година, исто така во осминафиналето и тогаш во двата натпревари победи англискиот тим, со 1:0 и 2:0.

Во вториот натпревар Салцбург го пречека Баерн Минхен и тоа ќе биде натпревар на екипи кои играат сличен, офанзивен фудбал. Баерн е апсолутен фаворит иако пред четири дена во Бундеслигата прими четири гола од Бохум и тоа за едно полувреме.

– Знаеме против кого играме, Баерн е еден од најдобрите тимови на светот. Јасно е дека сме аутсајдери. Сепак, сакаме да одиграме храбро и да го наметнеме својот стил на игра. Нема да биде лесно, но ќе се обидеме иако со самиот пласман во нокаут фазата направивме историски успех – вели Матијас Јајсле,тренерот на Салцбург.

Баерн ќе се обиде да се рехабилитира од шокантниот пораз од Бохум (4:2).

– Влегуваме во највозбудливиот дел од сезоната, Салцбург е подготвен да се бори и тоа е добро. Прв пат играат во нокаут фазата и не се плашат од предизвиците – смета тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Анжелика Колева искрено за борбата со ракот на дојка: Најважна е психата и позитивната мисла

Следно

Ковачевски: Средба со Мицкоски кога ќе има теми за разговор

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian