Франција сака да почнеме преговори со ЕУ во текот на нејзиниот мандат

5 mins read

На Франција би ѝ било чест Македонија да ги почне преговорите за време на нејзиното мандат на чело со Унијата, изјави вчера францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгартнер.

Франција е задоволна од новиот пристап и темпо на разговорите помеѓу Скопје и Софија и очекува до крајот на нејзиното претседателство со ЕУ тие напори да вродат со резултат. Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер вчера истакна дека на Франција би ѝ било чест Македонија да ги почне преговорите за време на нејзиното мандат на чело со Унијата, до јуни.

Сè уште е нејасно како ќе се постигне тоа бидејќи и Скопје и Софија имаат цврсти црвени линии што се однесуваат на македонската историја и идентитет, а на маса се бугарските политички барања од пакетот „четири плус еден“ и македонските барања за преговарачката рамка како што ја предлага ЕУ и итен почеток на преговорите за членство.

Според вицепремиерот Бојан Маричиќ, наш интерес е во разговорите со Софија да се заштитат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но и да се почнат преговорите со Унијата и проценува дека тоа е можно да се постигне. Според аналитичарите, пак, компромис е можен само ако двете страни се подеднакви незадоволни од него.

Амбасадорот Бомгартнер вчера истакна дека Франција го поздравува новиот пристап на разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија.

– Се води билатерален дијалог на највисоко ниво, кој е интензивен и се разговара на конкретни теми. За нас е важно редовно и постојано да сме информирани за сите прашања и токму тоа и се случува, а има и заемно информирање меѓу двата града. Инаку, постои совршена координација меѓу градовите и европската интеграција, но овој проблем е во билатерални рамки. Ние како француско претседавање го охрабруваме ова раздвижување – изјави вчера Бомгартнер.

Тој додаде дека агендата ја утврдуваат двете земји, а резултатот ќе се цени според развојот на настаните и разговорите во сите работни групи.

– Француското претседателство е спремно да се преземат конкретни чекори за крајот што го очекуваме како исход сите. Позицијата на Франција е со безрезервна поддршка колку е можно побрзо отворање на претпристапните преговори и за Северна Македонија и за Албанија доколку Македонија и Бугарија дојдат до завршница што ја очекуваме и посакуваме сите – рече францускиот амбасадор на настан за спортска дипломатија.

Вицепремиерот Маричиќ вчера објасни дека целта е да има позитивна комуникација со Софија и затоа се формирани работните групи, кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување.

– Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштитат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме – рече тој во гостување на ТВ Канал 5.

Двајцата нови премиери во Скопје и во Софија, според него, покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.

– Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За другите прашања, кои се грижа на Бугарија, ние сме подготвени да разговараме – нагласи Маричиќ.

Вицепремиерот додаде и дека веќе на дело се гледаат придобивката од Договорот од Преспа и дека Грција од 2019 година лобира за нас во Брисел, што очекува и Бугарија да го прави откако ќе се затворат отворените прашања.

Според новинарот и аналитичар Ерол Ризаов, ние сме го потпишале Договорот за добрососедство со Бугарија и секое отстапување од него ќе биде подложено на критики.

– Досега не сум забележал отстапувања. Но, Бугарија отстапи од рамката, а Македонија има план. Од денешна историска дистанца не можеме да процениме што ќе изгубиме ако постигнеме компромис, а притоа секако да не задираме во некои идентитетски прашања. Треба да се постигне компромис со Бугарија во кој обете страни ќе бидат еднакво среќни или еднакво несреќни – рече Ризаов за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Тој вели дека е нормално деталите од преговорите со Софија извесно време да се држат во тајност.

– Ниту ние ниту Бугарите не можеме да ја измениме историјата. Ако Бугарија потпишала пакт со нацистичка Германија, тоа е историски факт. А историјата треба да им се предаде на историчарите и тоа не е причина денешните генерации во двете земји да се мразат – вели Ризаов.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Јунајтед ја оправда фаворитската улога против Брајтон

Следно

Променливо облачно со повремен дожд, на планините снег

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian