Интервју со Дарко Радуловиќ, тренерот со добро срце и шампионски менталитет: Во „новата ера“ на МЗТ се чувствувам како дома

6 mins read

Невозможно е да се опише надвор од кошаркарскиот контекст, едноставно кошарката му го има определено животот, начинот на функционирање и размислување, станува и легнува со неа. За многу кус период како тренер, со тимот ја освоија дуплата круна, па денес е предводник на најголемиот кошаркарски колектив, пишува „Еспресо.мк“.

На средина на домашното кошаркарско првенство, дали кошаркарскиот клуб МЗТ ќе ја одбрани шампионската титула? Прашање на кое уверено одговара со ДА, Дарко Радуловиќ, тренерот на клубот. Тој ѝ стана симпатичен на јавноста по неговиот дух кој се гледа на паркетот за време на кошаркарските мечеви на МЗТ, дух кој најискрено го споделува со неговата ќерка Маша и атлетите на Специјална олимпијада Македонија, со кои освоија сребро на олимписките игри во Лос Ангелес 2015 во Јунифајд кошарка.

Како нов тренер на МЗТ Скопје ја бележите неговата ренесанса и тоа ве стави во центарот на вниманието не само на кошаркарската јавност. Дали ваков старт на тренерската кариера посакувавте?

– Мојот почеток на тренерската кариера е во КК Вардар, кога направив инстант транзиција, односно со завршување на играчката, ја започнав тренерската кариера. Таму ја добив основата, работев со млади категории на играчи, а потоа станав и прв тренер. Доаѓањето во МЗТ како асистент само по себе за мене беше успех и желба на секој тренер. Кога ја добив понудата да го предводам МЗТ знаев дека „животните околности“ вмешале прсти да се добие таква шанса. За многу кус период како тренер, со тимот ја освоивме дуплата круна, па еве сум денес како предводник на најголемиот кошаркарски колектив. Да, секој би посакал ваков старт во МЗТ.

Дарко Радуловиќ
Дарко Радуловиќ / Фото: Приватна архива

Антагонизмот на КК МЗТ и КК Работнички како најтрофејни клубови секогаш е градска тема. Како ви е меѓу „штрковите“, бидејќи вие сте кошаркар кој кариерата ја почнал во Работнички?

– Како дете ги поминав сите кошаркарски скалила во КК Работнички, но никогаш во мојата кариера не го облеков дресот на сениорскиот тим на клубот. А пак, за сениорскиот тим на МЗТ настапував 2 сезони и тоа во годините кога во МЗТ едвај се крпеше крај со крај. Мислам дека уште од тогаш се створи една врска меѓу мене и клубот. Сега во „новата ера“ на МЗТ се чувствувам повторно како дома, имам поддршка од симпатизерите, одлична комуникација со раководството, и старото и новото, имаме една фантастична „фамилијарна“ хемија со играчите, што повеќе да посакам. Навистина ми е убаво, иако секогаш „градската тема“ е забавна за шегување, но начинот на кој со тимот го водиме клубот ни е многу сериозен и затоа се тука резултатите.

Што е поудобно, да се носат патики на терен како играч, или чевли како тренер?

– Сум бил и во двете улоги. И патиките и чевлите знаат да „жуљаат“. Само ќе кажам дека десеткратно повеќе нервози имам како тренер, е сега дали е до мојот темперамент и карактер, не знам… Но, имам редица фотографии од мечеви на кои се гледаат моите жестоки реакции. Знаете јас сум тренер кој сака успех на својот тим, го сака со сето срце. Но, оние од кошаркарскиот свет кои ме познаваат, знаат дека сум неуморен и фанатично посветен на мојата работа и често знам да кажам – „Ние сме МЗТ, имаме шампионски менталитет и секогаш одиме на освојување на титулите“.

Дарко Радуловиќ
Фото: Приватна архива

Кој е Радуловиќ вон кошаркарскиот контекст?

– Невозможно е да се опишам надвор од кошаркарскиот контекст, едноставно кошарката ми го има определено животот, начин на функционирање и размислување, станувам и легнувам со неа. Сепак, прв приоритет во живото ми е Маша, мојата ќерка, со која сакам да поминувам слободно време колку што е можно повеќе. Инаку колку што долго ми е кошарката во животот, од рано детство, толку ми се другарите, друштвото, со кое до ден денешен сме неразделни. А покрај баскетот сакам музика, да слушам, да пеам, (се обидувам и да свирам), сакам кујна, знам да зготвам за друштво со добро вино. Во суштина јас сум оптимистичен човек, која сака и се труди секогаш да има позитивни и насмеани луѓе околу себе.

Пред да бидете познат како кошаркар и тренер, вие сте долгогодишен волонтер во Специјална олимпијада Македонија. Своето слободно време повеќе од 15 години го споделувате со лицата со интелектуална попреченост?

– Една од моите животни пасии е волонтирањето во Специјална олимпијада Македонија. Таму сум повеќе од 16 години и имам создадено одлични пријателства, но и нераскинлива врска со нашите „атлети“ кои се извор на животна енергија за мене. Заеднички се бориме да направиме инклузија преку спорт и рекреација во нашата земја, затоа што тоа е значајно не само за лицата со попреченост, туку и за нас од регуларната популација, за да се научиме да не дискриминираме, туку да си ги почитуваме различностите и да си ја негуваме добрината. Тоа е дел од мене и така ќе остане и во иднина.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Мицотакис и Ципрас се спречкаа во Парламентот околу Преспанскиот договор

Следно

Поскапе меѓуградскиот превоз, автобус Скопје-Охрид во еден правец сега чини скоро 700 денари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian