Авганистански новинари „заглавија“ во Македонија

3 mins read

Се покажало дека тие направиле грешка при аплицирањето за виза за Канада и таа грешка, според строгите канадски закони, единствено можела да се исправи со повторно аплицирање од нивната татковина.

Четворица медиумски работници, бегалци од Авганистан, повеќе од 90 дена се заглавени во Македонија. Тие не можат да стигнат до својата крајна дестинација – Канада, бидејќи, како што дознаваме, имало проблем со нивните апликации за канадска виза.

Станува збор за тројца новинари и една новинарка, кои работеле за локални авганистански телевизии и радија и како дописници за странски медиумски куќи. Во изминатите неколку месеци, по смената на власта во Авганистан, постојано добивале смртни закани од Талибанците, поради што со недели биле сместени во таканаречена „безбедна куќа“.

Медиумските работници од Авганистан, пред да пристигнат во ноември лани во Македонија, аплицирале за канадска виза уште додека биле во татковината. Потоа со американски авион преку Турција пристигнаа во Македонија каде што требаше привремено да престојуваат и да заминат за Канада. Но, токму тука се случил застој.

Како што се покажало, авганистанските новинари направиле грешка при аплицирањето за виза за Канада и таа грешка, според строгите канадски закони, единствено можела да се исправи со повторно аплицирање од нивната татковина. Тоа за нив во моментов е неизводливо и може да биде многу опасно.

Додека нивните сограѓани го напуштаат хотелот „Белви“ крај Скопје и од Македонија заминуваат со дозвола за траен престој во Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил или во САД, тие четворица чекаат одговор од официјална Отава дали ќе може да се населат во Канада или на неодредено време ќе мора да останат во Македонија.

Бидејќи изминале законски дозволените 90 дена за престој во Македонија, преку невладини организации на медиумските работници, од македонското МВР им се издадени лични карти за странци. Засега никој не знае уште колку време тие ќе минат во Македонија.

Како што дознаваме, поради планирано реновирање, наскоро привремено ќе биде затворен хотелот „Белви“ каде што се сместени, така што не се знае каде во иднина ќе бидат сместени овие четворица новинари.

Овие бегалци од Авганистан на 17 ноември лани пристигнаа на скопскиот аеродром, поради опасноста што им се закануваше во нивната земја. Македонската влада ја прифати иницијативата на ССНМ за нивно згрижување, која потекна од Меѓународната федерација на новинари, а е поддржана и од организацијата Новинари за човекови права од Канада.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Денес се празнува: Сретение Господово

Следно

Променливо облачно време со температура до 12 степени

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian