Норвешката бијатлонка Ингрид Ландмарк Тандреволд повеќе нема да се натпреварува на Зимските олимписки игри во Пекинг, откако на вчерашната трка доживеа целосен колапс на последниот километар.
– Ингрид не смее повторно да настапува на овие ЗОИ. Ќе ја однесеме на преглед да видиме што можеме да направиме за да не се повтори вакво нешто – изјави лекарот на норвешката репрезентација Ларс Колсруд.
Ингрид нема да има можност да им помогне на колешките од репрезентацијата в среда за кога е закажана женската штафетна трка во Жангџијаку, во која Норвежанките се фаворитки за златото.
– Одам дома, не смеам повеќе да настапувам на овие Игри. Сега сум добро. Мислам дека претерав во тешката трка на голема надморска височина. И порано сум имала проблеми со срцето, морам да бидам внимателна и да направам дополнителни прегледи – изјави Норвежанката.