Што прави денеска: Агни Авшар, музичарка и пејачка

4 mins read

Инспиративната млада пејачка со моќен вокал, Агни Авшар, првиот контакт со музиката го има уште на седум години, кога нејзината мајка ја запишала во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Дипломирала на музичката академија во Скопје, на катедрата за џез и популарни жанрови, на отсекот по соло пеење. Досега имала привилегија да настапува во придружба на маестрални и меѓународно признати музичари, добро познати на македонската јавност, а меѓу кои се Влатко Стефановски, Андријана Јаневска, Џијан Емин, оркестарот на МОБ, Филхармонискиот оркестар, Битолскиот Камерен оркестар и многу други. Талентираната Агни Авшар неодамна ја издаде и својата прва авторска песна насловена „Сознавам“, чиј автор на музиката е Никола Мицевски, а текстописци се Бети Јанковиќ и Рената Кралевска.

Фото: Дарко Мораитов

Агни Авшар ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие.

„Денешниот ден, како и секој останат работен ден, ми започна во раните утрински часови, бидејќи до 7 часот треба да сум излезена. Врзивното ткиво на сите активности од моето секојдневие е мојата посветеност на духовна пракса, па затоа имојот утрински ритуал се состои од медитација и кратка јога сесија. Морам да признаам дека години наназад сум била поголем љубител на ноќта отколку на утрото, но по многубројни разговори на оваа тема со мојата духовна учителка Бети Јанковиќ и нејзиното постојано и трпеливо упатување на една дисциплинирана духовна работа, станав вљубеник во утрото и ентузијаст за она што го нуди секој нов ден.

Фото: Приватна архива

Работам во меѓународното училиште „IPS“ каде што предавам музичко на деца од 11 до 16 години и навистина уживам во преносот на љубовта што ја имам кон музиката на помладите генерации, особено и поради фактот што станува збор за училиште од исклучителен карактер, а поддршката што ја добивам од тимот со кој работам е непроценлива. Секогаш се трудам часовите да бидат интересни, динамични и паралелно да покривам и теми од музичката историја и современи музички збиднувања.

Фото Дарио Јанковиќ

После работа, вообичаено творам и се посветувам на вежбање и усовршување од музички аспект, свирење пијано, пеењеи работа на музички програми. Денес, одвоив време и за посветување на неколку лични тековни музички проекти. Имено, на повидок е издавање на песната „Сознавам“, но овој пат на српски јазик, а во процес на креативна изработка се и две нови авторски песни на кои како композитори ќе се потпишат повторно Никола Мицевски и пијанистот Гордан Спасовски. Во тек е и снимањето на втор албум со Јордан Костов со кого настапив како солист на овогодинешниот Скопје Џез Фестивал. Сепак, она на што најмногу се радувам деновиве е еден нов музички проект, односно моја соработка со веќе етаблирани имиња на македонска музичка сцена, а за што станува збор, допрва ќе откриеме.

Фото: Приватна архива

Вечерните часовими се резервирани за најблискиот круг пријатели, мојата духовна фамилија. Уживаме да разговараме на најразлични теми, анајчесто се советуваме како да се самоактуелизираме за да ги манифестираме нашите потенцијали. Во таа насока, секојдневно се трудам да бидам креативна во областа на музичките активности.

Кујната и дневната соба се онаму каде што се случува забавата. Готвиме здрави вегетаријански и/или макробиотички јадења.

Денот го заокружувам исто онака како што и го почнувам, со медитација и јога, по што секако следи спокоен сон.“

Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Шведска препорачува четврта доза вакцина за оваа категорија на граѓани

Следно

ЗОИ Пекинг: Во Пјонгчанг останаа без злато бидејќи Пападакис ги „покажа“ градите, а сега ги воодушевија и конкурентите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian