Разговор со Катерина Пановска и Марија Трајаноска: Младите архитектки со концепт за новата просторна реалност по ковид

11 mins read

Катерина Пановска и Марија Трајаноска се македонски надежи во архитектонски и урбанистички дизајн.

Пандемиите имаат историја на нарушување и менување на животот во градовите и заедниците. Сега сме на прагот на уште една таква промена – делумно поради кризата со коронавирус, која нè принуди да ја редефинираме врската помеѓу човековата активност и просторот, но и поради голем број технологии, кои сè повеќе стануваат дел од нашето секојдневие.

Во разговор за Еспресо.мк“ Катерина Пановска и Марија Трајаноска, студентки по магистерски студии на Архитектонски факултет при УКИМ во Скопје открија дека со заедничкото учество на Меѓународниот конкурс за архитектонски и урбанистички дизајн, насловен „Новата просторна реалност на градовите – Пост ковид 19“, од 46 трудови од учесници од 12 земји, ја освоиле престижната втора награда.

Каков концепт понудивте на анонимниот натпревар?

– По долга анализа за тоа што се случуваше во градовите за време на пандемијата и како луѓето се справуваа со проблемите произлезени од неа, нашиот заклучок се сведе на една реченица: Густината на градовите не нѐ води до заразување на луѓето, туку нееднаквиот пристап до соодветно домување, енергија, вода, транспорт, зелени јавни површини, здравство и образование. Следствено, идејата на проектот е обезбедувајќи и правејќи ги основните човечки потреби достапни за сите луѓе, како и воведување на нови концепти за дизајн, населбите, односно градовите, да станат подобро место за живеење, но пред сè поотпорно на сите промени што ќе ни ги донесе иднината. Овој проект е критика на постоечките модули како застарени и воведување нови концепти во урбанистичкото планирање. Концептот во нашиот проект се базира на шест принципи: компактна населба, 15-минутна населба, суперблок, населба без автомобили, населба како културен центар и превртен транспорт. Целта на ваквиот концепт е да креира населби за луѓе, наспроти она што се проектираше во 20 век, населба за автомобили, односно претставува обид за урбан модел на населба што е паметна и одржлива, каде што луѓето живеат инклузивно и која, меѓу другото, нуди решенија за здрав начин на живот, за подобрување на локалната економија и за зголемување на активноста и мобилноста на жителите.

Фото: Приватна архива

Може ли да ни ја објасните идејата, предностите на концептот?

– Кога почнавме да размислуваме и разговараме на темата за новата просторна реалност на градовите, увидовме дека иако постојат разлики во начините со кои градовите се справуваат со пандемијата, кои произлегуваат од најразлични општествени, социјални и други причини, сепак проблемите што се предизвикани се многу слични и важат за повеќето градови. Заради тоа, една од предностите кои би ја издвоиле за овој концепт е токму тоа дека иако, како локација го избравме Скопје, конкретно дел од населбата Карпош, сепак концептот може да се аплицира и во други населби, во други градови.

Стратешкиот план беше да се воведат одредени промени во новите концепти на микро и макро ниво. Нееднаквиот пристап, лошото осветлување на домовите, слабата поврзаност за пешаците, автомобилите и комуналната инфраструктура, како и недоволното и неквалитетно зеленило, се проблеми кои се клучни за сите населби.

Новиот модел на соседство во овој проект изобилува со мешана употреба на јавни, комунални, заеднички и индивидуални простори. Тие се во непосредна близина едни до други, што ги поттикнува жителите да бидат поактивни, а со тоа се зголемува целокупното јавно здравје. Ова е овозможено со „превртениот транспорт“, кој им дава предност на пешаците и велосипедистите.

Концептот има јасна перспектива на односот помеѓу изградените и неизградените простори, на јавните и приватните површини, како и изградените и зелените површини. Патниот систем е затворен за автомобили во внатрешноста на целата населба, додадени се три нови типологии на домување, како и изобилство на зеленило, паркови и нови јавни површини, кои нудат различни содржини и активности за сите возрасни групи.

Луѓето треба повторно да ја откријат вредноста на близината – кон нештата и едни со други. Зборувајќи за близината кон нештата, наместо да се потпираат на автомобили и возење на долги растојанија за да ги задоволат секојдневните потреби, сè може да биде достапно во населбата во која живеат. Зборувајќи за близината едни со други, пандемијата на ковид-19 ни покажува секојдневно колку е важна потребата да си помагаме едни со други, да се потпреме меѓусебно наместо да се изолираме, и да ја зајакнеме колективната свест дека ние сме одговорни за грижата на нашите јавни и заеднички простори за заедничка безбедност.

Фото: Приватна архива

Зошто иднината на живеењето во градовите во периодот после пандемијата на вирусот ковид-19 мора да биде поинаква?

– Промената доаѓа сама по себе. Кога човекот пробува да преживее, тој ќе направи сè што е потребно за да ја тргне опасноста, па така и ќе најде начини за да се адаптира на новите реалности кои неминовно ќе следат, а веќе и ги чувствуваме. Градовите по природа се прилагодливи организми и се постојано во процес на трансформација, а планирањето на градовите и архитектурата се само алатки за да се пронајдат најдобрите начини за адаптација на промените.

Пандемиите имаат историја на нарушување и менување на животот во градовите и заедниците. Иако сами по себе се длабоко деструктивни, доведоа до подобрувања во животот. Додека колерата ги однесе животите на десетици илјади луѓе ширум светот, реакциите на болеста резултираа со откритија во интервенциите за јавна санитација – канализациски систем.

Една од најјасните промени се случи пред повеќе од еден век, со појавата на автомобилот, кој ја редефинира формата на модерните градови ширум светот. Верувамe дека сега сме на прагот на уште една таква промена – делумно поради кризата со коронавирус, која нè принуди да ја редефинираме врската помеѓу човековата активност и просторот, но исто така и поради голем број технологии кои сè повеќе стануваат дел од нашето секојдневие.

Новото време бара и нови одговри, или како што швајцарскиот архитект Ханс Мајер рекол „Секоја возраст бара своја форма. Наша мисија е да му дадеме нов облик на нашиот свет со средствата на денешницата“. Оваа постковид криза е само можност да се изградат подобри и поодржливи општества и градови.

Катерина Пановска и Марија Трајаноска1
Фото: Приватна архива

Имате ли увид во првонаградениот дизајн или третонаградениот, на пример, дали сте биле на слични размислувања со некои од другите учесници, кои беа најголемите трендови на оваа тема?

– Имавме можност на кратко да ги погледнеме и проследиме проектите кои беа изработени од нашите колеги од Русија кои го освоија првото, како и од Кина кои го освоија третото место. Фактот што сите живееме во различни реалности и имаме различни искуства, навики, култура на живеење и така натаму, резултираше и во различни размислувања на темата на Ковид-19. Секако, разноликоста е добра, бидејќи тоа отвара и понатамошна дискусија, а во исто време ги отвара и нашите гледишта за можностите каде би можело да се движиме во иднина.

Возможна ли е имплементација на вашиот проект во Македонија?

– Ако гледаме оптимистично на работите, да, секако дека е возможно. Но, она со што секојдневно се соочуваме, за жал ни го покажува спротивното. Иако, трансформацијата е веќе застапена и се разработуваат трендовите за паметени и одржливи градови низ цела Европа, во Македонија иновативните идеи скоро и да ги нема, ги разработуваат најчесто мали организации на луѓе, а на голема мера не се прифатени од инвеститорите, со главна причина што не се залагаат за зголемување на профитот на поединци, туку за поквалитетна животна средина и зголемување на квалитетот на колективот, за сметка на личните интереси.

Катерина Пановска и Марија Трајаноска1
Фото: Приватна архива

Се отвори ли некаква дебата, размена на мислења, добивте ли некоја понуда по освоената награда?

– Решенијата сè уште не се презентирани пред пошироката јавност, но, во исчекување е изложба во текот на оваа година, која ќе биде организирана од страна на Комората на овластени архитекти и инженери и Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што конкурсните проекти ќе бидат јавно презентирани, па се надеваме и веруваме дека ќе следуваат понатамошни дискусии, како и размена на мислења, бидејќи само така ќе научиме повеќе едни од други.

Што е следното што планирате да го преставите, на што работите во моментов?

– Покрај магистерските трудови, работиме и на повеќе помали проекти во моментов. Во нашата земја постојат голем број на луѓе, од различни професии кои се залагаат и работат на одредени теми како одржливост, рециклирање, редуцирање и подобрување на животната средина. Со заедничка соработка и поддршка сметаме дека можеме да имаме поголемо дејствување во развојот на ова општество.

Како архитекти секогаш е битно да растеме и да се развиваме во нашата професија и да не престанеме да сонуваме, а нашите соништа да ги пренесуваме на другите, да ги едуцираме и да ги прошируваме видиците, за да покажеме дека нашата реалност може да биде и поинаква.

Сепак градењето и развојот на еден град во најголема мера зависи од општеството. Општеството е тоа кое го гради градот, а не обратно.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Герасимовски со отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот

Следно

Наполи го мерка Депај

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian