Разговор со Елена Стојчевска: Мајка која инспирира со креативни идеи до посреќно детство

8 mins read

Елена е мајка на „Инстаграм“ која ја следат над 11.000 следбеници. Таа секојдневно ги мотивира и инспирира родителите да поминуваат повеќе квалитетно време со своите деца и преку едноставни креативни содржини да го обојат денот и заборават на технологијата, пренесува порталот „Еспресо.мк“.

Елена, зад тебе стои проектот „Врти од А до Ш“ наменет за полесно изучување на азбуката од страна на децата. Кажи ни збор-два за таа твоја креативна приказна.

– ВРТИ ОД А ДО Ш е едукативен проект, односно игра за деца со букви. Учењетото на буквите и зборовите на македонски јазик е првична цел на овој проект, што и претставуваше мој предизвик, па се обидов на лесно прифатлив начин, без употреба на технологија да создадам еден производ преку кој децата низ игра лесно ќе ја научат кирилицата.

Сликите и зборовите се мој личен избор. Се обидов да направам еден состав на зборови водејќи се по критериумот, секоја буква на кругот да содржи по еден збор на животно, превозно средство, делови од домот, делови од човековото тело и сл, се разбира колку самата буква го дозволува тоа. Сепак визуелизацијата на децата од 3 до 5 години е најлесен начин да се прошири спектарот на спознавање и знаење на нови работи, па сликите ги направив соодветни за возраста со цел полесна визуелизација и помнење.

Фото: Приватна архива

Се залагаш за детство без технологија. Успеваш ли тоа да го постигнеш со своите деца?

– Сметам дека е најголем предизвик во денешно време, предизвик е и во нашето семејство, пред сè за нас како родители, поради тоа што не за технологија за деца значи не за технологија за родителот пред детето. Можам да се пофалам дека сè уште јас и мојот сопруг го држиме тој континуитет на ограничено гледање едукативни содржини или цртани филмови за да се биде во тренд со врсниците. Додека за надвор од домот, секогаш сме опремени со ранец полн активности, па никогаш не се појавила желбата за технологија.

Може ли читањето да помогне за детство без технологија и кои се омилените сликовници на твоите деца?

– Читањето ни е рутина исто како миењето заби. Се чита наутро, се чита навечер. Наутро пред училиште читаме енциклопедии, за утринска гимнастика на мозоче ха ха, а навечер приказни за добра ноќ. Фамилијарно сме големи љубители на слииковници, му читаме и на најмалиот член во нашето семејство секојдневно, јас пред се ја давам поддршката на македонските автори, меѓутоа децата понекогаш имаат други интереси, па така покрај сите сликовници и енциклопедии со диносауруси, омилени сликовници на син ми се: Јарињата Брусе одат на базен, Полжавот и Китот и една сликовница од нашето детство, За Твојот роденден.

На твојот Инстаграм профил често правиш предизвици. Колку тие предизвици го бојат секојдневието и мотивираат?

– На оние кои го следат мојот профил добро им е познат насловот на повеќето мои постови „ДЕТСКАТА СРЕЌА СЕ СОЗДАВА ОД ЛИСТ ХАРТИЈА“. Така и со предизвиците, во трката со брзото секојдневие се обидувам да им докажам на родителите, преку едноставни задачи и лист хартија, дека навистина имаат 5 минути време за да создадат среќно дете. Верувајте мојата упорност поттикнува нови пријавени родители кои уживаат во изработките со децата.

Во кои активности најмногу уживате со децата?

– Ни децата, па ни возрасните не се секојдневно расположени за активности, меѓутоа активности како домашен пластелин, активности со вода и слично се секогаш добитна комбинација.

Кога работиме заедно мојата креативност и желба игрите да имаат естетски и уметнички карактер, не секогаш е во преден план, но затоа уживам кога сама ќе создадам игра со која следните денови ќе играме и ќе се едуцираме.

Колку сето ова ти одзема време од една страна, а колку тоа те исполнува?

– Активности за децата за поттикнување на секој момент од нивниот развој има насекаде во нашето секојдневие. Меѓутоа јас уживам да презенентирам активности со посложен процес на создавање, уметничка нота… Едноставно тоа е мое хоби, простор за релаксасија за кое секогаш наоѓам време.

Која е сликата од твоето детство на која со задоволство се сеќаваш?

– Секогаш со радост се сеќавам на деновите поминати надвор, на улица, најчесто валкани од прашина, но не ретко и креативно издигнати организирајќи претстави и фестивали, со чувство на значајност после 20те продадени карти на нашите родители.

Фото: Приватна архива

Често споделуваш фотографии од цвеќиња. Кои се твоите омилени?

– Ја сакам убавината на фотографијата воопшто, уживам во шаренилото и енергијата која ја даваат цвеќињата, па секогаш ми влегуваат во кадар. Ако веќе морам да издвојам, најмногу од сите ги сакам раскошните хортензии.

Љубовта кон природата раѓа и грижа за неа. Ти често зборуваш на оваа тема. Што е она што можеме да го направиме за да ги промениме работите на подобро?

– Себе се сметам за екологист и борбата за создавање екосвест од најмала возраст е едно од најважните нешта што исто така го потенцирам на мојот профил. Иако е глобален проблем, наша одговорност како родители е да воспитаме еколошки свесни деца. Со мали чекори до големи успеси! Моите игри и активности ги создаваме генерално со реупотребување на амбалажи од производи, па посебно доживување за децата е кога од „ѓубрето“ ќе создадете цел еден свет.

Колку лично те прави среќна тоа да ги усреќуваш другите?

– Нешто што ме прави најсреќна е создавањето детски насмевки. Кога сама не сум во можност да создадам преку 1000 детски насмевки, презедов чекор да ја изменаџирам цела инстаграм заедница, па заедно да создадеме еден подобар детски свет. Веќе три години по ред успешно се случува големиот хуманитарен проект за собирање средства за ногодишни пакетчиња за деца од социјално ранливи категории.

Инстаграм е место каде што постојано може да се црпи позитивна енергија! Со проектот Врти од А до Ш, со хуманитарните и еко проектите во кои сум активна се обидувам да станам поттик и инспирација на родителите кои сакаат да работат со своите деца. Целта на мојот профил е создавање на што повеќе детски насмевки, а децата се инспирација која треба да ја искористиме за нивен развој и среќен раст

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Евакуиран суд во Сараево поради дојава за бомба

Следно

ВИДЕО | Милевски: Владиката Агатангел ја извалка мантијата, тој е срам за Црквата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian