Разговор со Камелија Јаневска од „Клуб за читање книги“: Читањето е место каде што се чувствуваш како да си дома

4 mins read

Читањето книги ослободува и ни отвора нови видици. Токму со таква намера постои „Клубот за читање книги“ (Book club). Тој е место во кое ќе се споделуваат впечатоци и книжевни дискусии, простор кој ќе носи нова енергија за младите и ќе биде нова надеж за нивната љубов кон пишаниот збор.
Денеска за оваа иницијатива зборуваме со Камелија Јаневска, дел од клубот и страствена читателка на книги.

Што е главната идеја на еден ваков клуб, Камелија?

– Со денешната динамика на животот, честопати ги запоставуваме книгите таму некаде на полиците, со надеж дека еден ден ќе имаме повеќе време за да ги прочитаме. Преку активно вклучување во клубот на читатели, тие книги се веќе одамна прочитани, а мојата домашна библиотека постојано се збогатува со нова книга.

За оние кои се љубители на книгите добро е познато чувството на возбуда и исполнетост кога се чита нов наслов, љубопитно вртејќи ги страниците за да се осознае крајот. Книгите се свет на приказни што ни буди чувство на радост, тага, лутина, емпатија, па така сите тие емоции во клубот на читатели ги споделуваме и  пронаоѓаме место на спокој каде што секој љубител на пишаниот збор е добредојден и со сигурност можам да кажам дека тоа е место каде што се чувствуваш како да си дома.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Книгите се ретка можност за споделување светови. Кој е вашиот омилен книжевен свет?

– Нешто што научив со „Клубот на читатели“ е да излезам од сопствената комфор зона и да дадам шанса на форми на пишување, кои порано не сум ги истражила. Па така во последно време, покрај книгите што ги читаме во клубот, започнав да читам психолошки трилери, кои навистина успеаја да достигнат прво место на мојата листа на прозни жанрови.

Веќе подолго време омилена книга ми е „Терапија“ од Себастијан Фицек, која е токму психолошки трилер и успеа да ме држи во неизвесност до самиот крај.

Размената на книжевни искуства во современиот инстант живот е реткост – што значи за вас читањето?

– Читањето за мене претставува вид на умствена медитација каде што си овозможен да го одмориш умот додека е активен. Додека многу луѓе преферираат да изгледаат филм и да се еднакво задоволни, јас би ја искористила онаа класична реченица што вели „книгата беше подобра од филмот“, бидејќи во мојот случај речиси секогаш е така. Читањето книга ми овозможува во целост да се соживеам со карактерот и приказната околу него и да ја употребам сопствената креативност, креирајќи го светот кој таа книга го нуди.

Клуб за читање книги/Ристо Пејовски
Клуб за читање книги/Ристо Пејовски

Која е пораката до читачите и книгољупците од вашиот клуб?

– Книгите се едни од ретките нешта кои овозможуваат среќата да ја купиме со пари. Сите оние кои се љубители на книги сметам дека би требало да бидат дел од еден ваков клуб на читатели, каде што покрај осознавањето на една одлична книга, ќе имаат и прилика да запознаат сродни души кои ја делат нивната пасија.

Разговор со Катерина Стевовска од „Клуб за читање книги“: Читајте и учете, бидејќи знаењето дава слобода

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Турција го намали ДДВ за храната на 1 отсто – драстична мерка на Ердоган против инфлацијата

Следно

ВИДЕО: Ристовски му асистираше на Адеми во триумфот на Динамо Загреб

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian