Доколку сте останале без идеи за интересни оброци со кои ќе го соберете целото семејство на трпезата, а знаете дека сите сакаат пилешко и компири, ви носиме фантастичен рецепт за мусака со бело месо и морков кој ќе ве воодушеви.
Многу едноставно се приготвува, слична е на вообичаената мусака, но самиот процес е за нијанса побрз. Ароматичните зачини ќе ѝ дадат посебен шарм и вкус.
Состојки:
– 400 грама свежо бело месо – гради
– 2 моркови
– 2 главици кромид
– 300 грама компири
– чешне лук
– сол
– бибер
– босилек
– мелен коријандер – многу важен
Прелив:
– јајце
– шолја млеко
Подготовка:
Во длабока тава пропржете го кромидот, месото исечкајте го на ситни парчиња, а морковот изрендајте го.
Кога месото ќе побели и кромидот ќе добие златна боја, зачинете по вкус, па оставете да се излади.
Подгответе огноотпорен сад, подмачкајте го и наредете ги исечените компири за да се наполни дното на садот, а потоа ставајте ред фил, па ред компири, сѐ додека имате материјал. Кога ќе завршите со постапката, изматете две јајца и додадете ја шолјата млеко. Прелијте ја мусаката и печете еден час на 200 степени.
Вкусот е волшебен, а оваа мусака се служи со кисело млеко и салата од свежи краставици или домати. К. А.