Кумановци се вознемирија од еврејска секта сместена во градот, МВР смирува: Брзо ќе си одат

3 mins read

Група странци неодамна се сместиле во населба во Куманово и предизвикале внимание кај жителите на градот. Според Фактор, овие верници се припадници на еврејска секта и неодамна почнале да вршат религиозни проповеди во просториите на изнајмен објект во градот. Кумановци реагираат и бараат СВР Куманово да испита за што станува збор, кои се овие луѓе и кој им дозволил да проповедаат.

„Не станува збор за обични туристи, странски државјани, туку за верско-обредна организација. Според тоа, не смеат да живеат во приватен објект кој не е наменет за нив. Како родител на две деца ќе кажам, доколку службите не си ја разрешат ситуацијата и не ги протераат, ние како население ќе ја земеме правдата во раце. Како што можеле да влезат, така и ќе излезат. Полицијата не го спречила нивното влегување, аналогно на тоа нема право да го спречи и нивното протерување“, ја пренесува порталот изјавата на една кумановка.

Во врска со ова, попладнево се огласи СВР Куманово – повика на толерантност кон припадниците на „еврејската верска заедница“ сместени во приватни куќи во кумановската населба Зелен Рид. Во соопштението се вели дека според сознанијата на полицијата, групата има валидни документи, а таа е „во постојано движење“ и се очекува деновиве да ја напушти државата.

– Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава, соопштија од СВР Куманово.

Во групата, како што информираат од кумановската полиција, има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, кои, како што посочија од СВР Куманово, имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Република Северна Македонија.

– Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напуштат нашата држава. СВР Куманово ги информира граѓаните на Куманово дека наведената група не претставува никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите, соопштија од СВР Куманово.

Претходно денеска и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека кумановци се гостопримливи за сите добронамерници и дека официјалните институции ќе дадат официјално известување за групата граѓани странци кои престојуваат во Куманово.

Дел од жителите на градот прашуваат дали ова се луѓето кои неодамна беа протерани од Босна и Херцеговина, а кои припаѓаат на екстремистичкиот култ Лев Тахор, чии припадници поради екстремните и понекогаш незаконски практики се нарекуваат „еврејски талибанци“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Андонова стрелаше за победа над Реал Сосиедад

Следно

Албанија лани собрала рекордни 4,2 милијарди евра во државната каса

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian