ВИДЕО | Готвиме со Маја: Домашни бургери од цепкано месо

4 mins read

Дали има некој што не сака вкусен бургер, иако тој се смета за брза и не толку здрава храна. Но, понекогаш можеме да си го дозволиме тој луксуз, да се засладиме со ваков вкусен и неодолив рецепт.

Денес Маја ви предлага да направите домашен бургер од свинско месо и верувајте дека еднаш кога ќе го пробате, ќе стане омилен рецепт и ѕвезда во Вашиот дом. Она што е интересно е дека можете да искористите печено месо што ви останало од некој друг оброк и само да го збогатите со сосот. Израдувајте ги вашите верни „дегустатори“ со овој неодолив бургер и бидете врвен кулинар.

Потребни состојки:

  • 1 кг свинско месо предна плешка за печење
  • сол и бибер
  • 4 лажици маслиново масло

Свинското месо попрскајте со сол и бибер и убаво втријте ги зачините. Додадете масло и премачкајте од сите страни. Вака подготвеното месо ставете го во пекач, тава или друг сад каде што печете месо. Покријте го со капак или фолија и ставете го во загреана рерна на 200 степени и печете околу 30 минути. Потоа намалете ја температурата на 150 и печете околу 3 часа. Кога ќе биде готово, извадете го од рерна и оставете го да се олади околу половина час. Доколку можете, најдобро е месото да го испечете еден ден порано. Месото исечете го на мали ленти или парчиња и ставете го во загреана тава со масло. Пржете го кратко време за да се стопли а потоа додадете го сосот за месо и посолете. Пржете уште кратко.

Сос за месо:

  • сок од 1 портокал
  • 1 лажица сенф
  • 1 лажица соја сос
  • 1 лажица скара сос
  • 1/2 лажичка мелен коријандер
  • 1/2 лажичка лук во прав
  • 1/2 лажичка путер

Подготовка:

Сите состојки ставете ги во тегла или друг сад каде што ќе можете убаво да ги измешате. Вака подготвениот сос ставете го во тавата каде што го пржите печеното месо.

Тесто за бургери

  • 1/2 чаша млеко
  • 1/2 чаша кисела вода
  • 2 лажици путер
  • 2 лажици маслиново масло
  • 3 чаши бело брашно
  • 1 лажица шеќер
  • 1 свеж квасец
  • 1/2 лажичка сода
  • 1 лажичка сол

За премачкување:

  • 1 јајце
  • морска сол
  • 1 лажица сусам
  • 1 лажичка путер

Подготовка:

Во сад за месење ставете ги млекото и киселата вода, путерот и селта и промешајте. Квасецот растворете го во малку млака вода и внатре ставете шеќер. Квасецот можете да го стасате или веднаш да го ставите во садот, доколку сте сигурни дека е свеж. Потоа додавајте брашно за да добиете многу меко тесто. Мекото тесто ќе го оставите на топло да стасува околу час и половина. Кога ќе стаса, ќе го премесите, ќе формирате бургер лепчиња и ќе ги оставите покриени уште 15 минути пред да ги печете. Пред да ги ставите во рерна, премачкајте ги со јајце во кое ќе помешате сол и путер а на крај попрскајте со сусам. Се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20 минити.

Сос:

  • 1 лажица сенф
  • 1 лажица мајонез
  • 1 рендана кисела краставичка
  • 1 лажица вода од кисели краставички
  • 1/2 лажичка лук во прав

Подготовка:

Во тегла или друг сад ставете ги сите состојки и убаво промешајте. Со овој сос ќе ги послужите бургерите.

Карамелизиран кромид

  • 1 црвен кромид
  • 1 лажица путер
  • 1 лажица шеќер
  • сол

Подготовка:

Кромидот исечете го на крупни парчиња и ставете го во тава на загреано масло и пржете го кратко на висока температура. Посолете и оставете го да подгори. Потоа додадете шеќер и сол и пржете додека не се карамелизира.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Германија утре избира нов претседател, најголеми шанси има актуелниот Штајнмаер

Следно

ЗОИ Пекинг: Злато за Русија по 16 години во женската штафета во нордиско скијање

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian