Што прави денеска: Васил Зафирчев, театарски и филмски актер

3 mins read

Васил Зафирчев е еден од нашите најреномирани актери кој во последно време е секако актуелен и по неговата улога на Марио во серијата „Преспав“.

Сме го виделе и во музичките и во водителските води. Настапувал во повеќе театри ширум земјава, одиграл повеќе од 60 улоги во театар, телевизија и филм.

Помеѓу работните и приватните обврски Зафирчев успеа да најде малку време и за нас, па ни откри како изгледа еден негов ден.

„Станувам рано, околу 6 часот. И тоа без аларм. Едноставно го следам мојот внатрешен биолошки часовник. Веднаш по будењето правам медитација и јога за растегнување. Тоа е мојот утрински ритуал кој го практикувам повеќе од 10 години. По него, испивам шоља зелен азиски чај, па приготвувам протеинско смуди наместо појадок, како дел од програмата на мојот нутриционист Влатко Таневски, според која се хранам веќе неколку месеци.

Бидејќи периодов немам професионални обврски и ангажмани во мојот матичен Велешки театар, а ниту телевизиски снимања, слободното време го користам за прошетка во природа и интензивна физичка активност. Така ја одржувам виталноста и психо-физичката кондиција, пред периодот на интензивни ангажмани кој ми претстои.

Па така, по еден час брзо пешачење во Градскиот парк, одам во фитнес центар на тренинг со мојот личен тренер Симон Антиќ. По денешниот краток но напорен тренинг со висок интензитет, следува одмор, пливање и релаксација во спа. Се враќам дома околу 12 часот, кога е време за мојата прва ужина, неколку кратки телефонски разговори, одговарање на пораки и мејлови, по што следуваат подготовките за ручек.

Бидејќи сум вегетаријанец, мојата исхрана најчесто вклучува едноставни и балансирани јадења кои најчесто сам ги подготвувам и кои во себе содржат висок процент на растителни протеини. Денес на менито е црвена леќа подготвена како „даал“ со индиска мешавина на зачини и свежа салата. По ручекот време е за краток попладневен одмор и читање. Моментално уживам во „Нултиот број“ на Умберто Еко.

Во 16 часот заминувам во посета на центар за убавина и уживам во третман за ревитализација на кожата на лицето. Пеш се враќам дома, попатно пазарувам свежо овошје и зеленчук и веќе во 18 часот ја подготвувам мојата втора ужина. Вечерата како последен оброк ми е околу 20 часот, а по неа имам работна средба со мојата драга пријателка и соработник, балерината и кореограф Олга Панго со која разговараме за нашите идни заеднички проекти. Денот го завршувам со уште една медитација. Како афирмација и конфирмација на сѐ убаво и добро од изминатиот ден“, вели Васил.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Претседателот Мета побара преземање неопходни мерки за зајакнување на одбранбените капацитети

Следно

Ацевски: По „Титаник”, Мицкоски, заедно со раководството да си поднесат оставки

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian