Ѓорѓиевски: Ќе се изврши темелна реконструкција на ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода

2 mins read

Општина Кисела Вода започна со темелна реконструкција на училишната спортска сала во ООУ “Невена Георгиева Дуња“. Се прави целосна термоенергетска обнова на ѕидовите, се поставува двојна изолација со гипс панели, додека на подот кој има површина од 430 квадратни метри ќе биде поставен нов паркет. Се менува електричната инсталација и осветлувањето, се санира и системот за вентилација.

Во моментов се врши демонтажа на спортските реквизити. По нивната санација, тие ќе бидат повторно поставени во обновената сала, каде реконструирана ќе биде и влезната врата.

На барање на Општина Кисела Вода, БЕГ постави нов приклучок со потстаница, со што салата доби и парно греење.

– Она што го затекнавме како состојба во спортската сала во ООУ “Невена Георгиева Дуња”  бараше итна и неодложна интервенција и со големо задоволство сакам да истакнам дека за помалку од два месеци, учениците ќе добијат квалитетни услови за одржување на часовите по физичко воспитување. Инвестирањето во подобрувањето на инфраструктурата низ основните училишта кои се во надлежност на Општина Кисела Вода ќе продолжи со несмалена динамика, бидејќи квалитетниот образовен процес подразбира и добри и современи училишни објекти. Ова е концепт што го отпочнав од првиот ден од моето доаѓање на градоначалничката позиција и кој ќе биде развиван и надградуван во текот на целиот мој мандат, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски кој изврши увид во состојбата на овој објект.

Минатата седмица, нов подобрен лик и поголема функционалност доби и салата во ООУ “Партенија Зографски”.

skopjeinfo.mk

Претходно

Коронавирусот зеде 8.705 жртви од Македонија, се заразиле вкупно 284.875 лица

Следно

Претседателот Мета побара преземање неопходни мерки за зајакнување на одбранбените капацитети

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian