Центарот за дијализа тврди дека многу направил за подобрување на здравствената состојба на Сеаре

5 mins read

Од здравствената установа каде што Сеаре ја добива здравствената услуга дијализа, велат дека таа никогаш немала прекин на дијализата, туку дека станувало збор за дијализа која е направена во вонреден термин, надвор од редовниот, со посебен превоз, а не со другите дијализни пациенти. Токму тоа беше и објавено во текстот на Слободен печат вчера и во ниеден дел од нашиот текст, не беше наведено дека дијализата е прекината перманентно (напротив, пишува дека по направените гинеколошки прегледи и испитувања таа е продолжена).

Меѓутоа, во реакцијата на Дијализниот центар, се вели и дека откако тие издале упат, ЈЗУ Поликлиника Чаир одбила да ја прегледа Сеаре ,,поради нејзиниот нехигиенски статус“ (?!), наспроти она што за Слободен печат го тврдат од невладината организација Иницијатива за правата на жените во Шуто Оризари – дека во Чаир Сеаре не можеле да ја прегледаат поради недостиг на соодветна опрема и услови за нејзиниот третман и затоа била препратена на ГАК.

,,Целата приказна со пациентката Сеаре добива кулминација кога пред дијализен третман пациентката е во крајно нехигиенски услови и поради заеднички превоз со останати пациенти на дијализа, се организира посебен превоз за пациентката и се прави вонредна дијализа, односно дијализа надвор од редовниот термин. Притоа, контактиравме невладини организации од кои што побаравме помош, да ја убедиме пациентката и нејзината фамилија на гинеколошките прегледи кои што се потребни, за што беше издаден упат од нашата установа. Гинеколошкиот проблем на пациентката е најголемиот причинител за нејзиниот лош хигиенски статус. Упатот беше издаден кон ЈЗУ Поликлиника Чаир, каде што пациентката е одбиена за преглед поради нејзиниот нехигиенски статус и е пренесена на ЈЗУ Клиника на гинекологија каде што е прегледена од гинеколог, и повторно со напори од страна на нашата установа. Откако е добиена крајната клиничка слика за пациентката, и дека нејзиниот гинеколошки проблем нема решение, невладината организација не исконтактира и јасно и гласно им кажавме дека дијализните третмани нема да прекинат во ниту еден случај, односно никогаш и немало таква намера”, велат од Центарот за дијализа.

Оттаму ја демантираат директорката на невладината организација, Салија Бекир Халим која што за Слободен печат тврди дека била исконтактирана затоа што возачот на пациентите за дијализа, не сакал да ја превезе Сеаре на третманот. Бекир Халим тврди дека тој дури и се заканил со отказ, а другите пациенти во комбето се жалеле на непријатниот мирис.

-Демантираме дека пациентката имала прекин на дијализа уште повеќе како што пишува дека возачот едноставно решил да не ја земе од дома и да не ја носи на дијализа и сето тоа да е потенцирано во насловот на веста, пишуваат од Центарот за дијализа.

Бекир Халим пак, тврди дека телефонски била исконтактирана за ,,или да најде такси превоз до дијализниот центар” или да ,,најде центар за бездомници за да се искапе жената”  бидејќи возачот се заканил со отказ.

Во меѓувреме, анонимен граѓанин од Германија, кој се претстави како општ лекар, откако ја прочитал сторијата за Сеаре во Слободен печат, се согласил да плати од свој џеб сместување за Сеаре во приватен старски дом, за таа да може да биде третирана, велат од невладината организација.

,,Би сакала да ве поканам да дојдете и да погледнете како здравствениот тим се грижи за Сеаре, не само за време на здравствениот третман, туку и потоа. Скоро по секој третман пациентката се испраќа со пакет храна,облека и средства за хигиена за дома, донација од вработените. Во целиот случај, јавните здравствени установи се неми за овие случаи и не преземаат никакви мерки, се што е направено за подобрување на здравствената состојба на пациентката е поттикнато и преземено од Центарот за дијализа. Исто така, станува збор за лице на кое што му е потребна постојана медицинска нега, и ниту една установа нема слух за нејзината состојба”, велат од Центарот за дијализа.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Вакцинирани сте и сте прележале ковид-19? Хибридниот имунитет е најдобра заштита

Следно

ВМРО-ДПМНЕ: Нови булевари, училишта, градинки, пречистителни станици и паркови во првите 100 дена од страна на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian