Беше секс симбол во Југославија: Турбулентниот живот на Марина Перазиќ

12 mins read

Марина Перазиќ е една од основоположниците на електронската музика во поранешна Југославија, а своевремено важеше и за секс симбол на југословенската сцена во 80-тите години од минатиот век.

Детство и рана младост

Мајката на Марина била многу строга и грижлива бидејќи рано останала без своите родители. Иако Марина била одлична ученичка и не морала да полага државна матура, пејачката не смеела да останува надвор до доцна.

Родителите на Марина се разделиле кога таа имала само шест години и татко ѝ не ѝ посветувал многу внимание бидејќи сметал дека грижата на нејзината мајка ѝ е доволна. Таа толку многу го идеализирала својот татко што, подоцна во нејзиниот живот, лошо се одразило на нејзините љубовни врски.

Марина имала желба да студира психологија во Белград, но мајка ѝ ја убедила да се запише на Градежниот факултет во Риека и да остане во родниот град. Таа ги завршила студиите навреме и е една од ретките пејачки кои можат да се пофалат со високо образование.

Мајка ѝ веднаш по дипломирањето ѝ нашла работа која одговара на нејзината професија, но Марина се одлучила за музиката како нејзин животен позив.

Била член на хорот „Јека приморја“ и на мултимедијалната група Сигма Тау. За време на втората година од студиите, таа се запознала со клавијатуристот Давор Тоља, со кого подоцна го основала електро-поп дуото Денис & Денис во 1982 година.

Авангардните Денис & Денис

Електро-поп дуото Денис & Денис го имале својот прв настап во Младинскиот центар во Риека и бргу го привлекле вниманието на публиката.

Во 1984 година, Марина ги отпеала песните коишто се нашле на нивниот прв албум „Чувај се“. На албумот му претходеле сингловите „Програм твог компјутера“ и „Ноќ“ кои ги издала издавачката куќа Југотон.

Може да се каже дека Марина била „пред времето“ и југословенската публика во тој момент сѐ уште не била подготвена за нејзините „смели воздишки“, но групата за кратко собрала бројни музички награди и се нашла на врвот на музичката сцена во Југославија. Според списанието „Рок“, деби-албумот на Денис & Денис бил најдобриот музички албум за таа година.

Во 1985 година, Давор отишол во војска, но и покрај тоа успеале да го снимат вториот албум. Сите песни се издвоиле како хитови – „Ја сам лажљива“, „Воли ме још ову ноч“ и „Соба 23“ се песни коишто и ден-денес се омилени кај публиката во регионот. Како текстописци на овој албум се потпишале Алка Вуица, Доменика Ваниќ и Младен Поповиќ.

За песната „Соба 23“ снимиле и авангарден видеозапис во кој Марина и Едо Краљиќ се бакнуваат во хотелска соба. Сепак, списанието „Рок“ го прогласило спотот за песната „Ја сам лажљива“ за најдобар видеозапис таа година, а Марина ја прогласило за најсексапилна и најпопуларна пејачка. Иако овие песни се снимени пред повеќе од две децении, и двете имаат милионски прегледи на платформата Јутјуб.

Во 1986 година учествувале на Југовизија каде ја извеле песната „Браќа Грим и Андерсен“ со која го освоиле третото место. И покрај големиот успех, во септември 1986 година Марина ја напуштила групата и започнала соло-кариера.

Соло-кариера

Во 1987 година, Марина го издала својот прв солистички албум на кои се нашле песните „Колачичи“ и У ритму ме окрени“, песни кои доживеале посебен успех кај публиката. Продуцент на овој албум бил Мато Дошен. Марина и за овој албум ја продолжила соработката со Алка Вуица, а за првпат во улога на нејзин текстописец се појавила и Марина Туцаковиќ. Најголемиот хит „Колачичи“ е дело на Кики Лесендриќ, фронтменот на рок-групата Пилоти.

Марина била незадоволна затоа што Мато Дошен бил повеќе заинтересиран за неа отколку за песните, а во тој период навечер честопати ѝ се јавувале и непознати мажи.

Тоа придонело таа да замине во Њујорк во 1988 година и да почне да живее во вонбрачна заедница со Иван Феце – Фирчи, тапанарот на легендарната рок-група Екатарина Велика.

За да преживее, Марина работела на различни работни места кои немале врска со музиката. Таа била бебиситерка, касиерка, помошничка на менаџер на локал итн. Во 1993 година ја родила ќерката Миа Катарина, а две години подоцна ја родила и втората ќерка, Луна Марија. Парот се разделил во 1997 година и Марина, заедно со децата, се вратила во Хрватска.

Во 1999 година, за време на НАТО-вото бомбардирање на СР Југославија, Марина се преселила од Белград и се вратила во Риека. Во 2003 година учествувала на Беовизија со песната „Секс без додира“, со која освоила шесто место и награда за најдобар сценски настап. Во септември 2012 година, Давор Тоља ѝ предложил да тргнат на регионална турнеја за да ги одбележат трите децении од првиот настап на Денис & Денис. Марина без размислување прифатила и тие прво одржале новогодишен концерт во Риека, а потоа свиреле и во другите градови во регионот.

Реални шоуа

Во 2009 година, Марина учествувала во хрватската, а потоа и во српската „Фарма“. За 76 дена, колку што успеала да остане во шоуто, таа успеала да се скара со сите учесници, а најголемата кавга ја имала со пејачката Маја Николиќ. Се шпекулира дека Марина заработила околу 11 000 евра.

Во 2015 година, Марина се појавила во кулинарската шоу програма „12 Величествени“, каде познати личности приготвувале храна, а професионални готвачи потоа ја оценувале. Марина како Марина, и тука не останала без коментар. Таа ги искритикувала готвачите дека не им е важен вкусот, туку само изгледот на храната и дека Сека Алексиќ е фаворит за победа бидејќи таа има нов албум со којшто се враќа на музичката сцена.

Во 2016 година, таа повторно влегла во „Фарма“, каде што изјавила дека ја бркаат помлади мажи затоа што ја гледаат како трофеј за фалење. Во весниците се појавиле натписи дека Марина станала дел од ова реално шоу бидејќи ѝ е загрозена егзистенцијата и дека нема пари за да плати кирија. По враќањето од Америка, Марина не успеала да најде стабилна работа, а долги години живеела од пензијата на татко ѝ.

Средбата со Фирчи

Марина и три години помладиот тапанар Иван Феце – Фирчи првпат се запознале на музичкиот фестивал во Суботица. Таа се воодушевила од неговата енергија и го споредила со Атила Хунски.

По само три недели, тие почнале да живеат заедно. Фирчи планирал да се пресели во САД, а тоа не ѝ се допаѓало на Марина. Сепак, тргнала со него и набргу сфатила дека направила грешка во животот. Таму доживеала многу тешки моменти бидејќи двапати изгубила бебе. Првпат тоа ѝ се случило пред да остане бремена со првата ќерка, а вториот пат бил по раѓањето на Миа Катарина.

Фирчи работел на три работни места и свирел, но кога ги добиле ќерките, тој престанал да се занимава со музика. Бил добар и пожртвуван татко, но ужасно се однесувал кон Марина. По девет години живот во САД, таа го напуштила и ги зела ќерките со себе. Фирчи им ги земал пасошите и ги пријавил во полиција за да не им биде дозволено на ќерките да ја напуштат државата, но пејачката извадила нови документи и тие заминале во Риека, а потоа и во Белград.

Ја повредило тоа што, само две недели по нејзиното заминување, тој направил забава на која во друштвото ја претставил својата нова девојка, но и тоа дека не направил ништо за да си го врати семејството.

Марина долго време се плашела од тоа дека ќе ги направи истите грешки на мајка ѝ. Кога нејзината постара ќерка решила да живее во Њујорк, Марина ѝ рекла дека ќе оди со неа. Миа го остварила својот сон и станала креатор и резидент на „Големото јаболко“. Помалата ќерка Луна го поминала првиот круг на музичкиот натпревар „Првиот глас на Србија“, но се откажала од музиката и се посветила на манекенството.

Фирчи тврди дека најголемиот проблем во нивниот однос било тоа што тој не можел да ѝ ги задоволи потребите. Изјавил дека Марина не работела, туку само телефонирала и ги чувала децата. Еден ден, без најава, ги зела децата со себе и тој не можел да ги види пет години бидејќи не смеел да ги напушти Соединетите Американски Држави.

Пријателството со Сергеј Трифуновиќ

Првично, Марина и Сергеј ги врзува пријателство бидејќи тој ѝ бил рамо за плачење кога таа избегала од САД. Заедно оделе на театарски претстави и концерти, а благодарение на него таа „оживеала“. Марина изјавила дека Сергеј не ја гледа како жена со која ќе го помине животот, туку како некој кому е потребно внимание.

Врската со Владо Георгиев

За време на своето учество во „Фарма“, Марина изјавила дека била во врска со пејачот Владо Георгиев, кој како љубовник го оценила со четворка. Тој ѝ одговорил со објава на Фејсбук која гласела – „Зошто не кажа дека тоа беше пред 13 години, за да не помислат луѓето дека целосно сум полудел?“. Потоа, постоеле шпекулации дека Марина е лезбијка и дека Владо ѝ ја посветил песната „Реци ми да знам“, но таа го негирала тоа.

Исто така, Марина мислела дека Момчило Бајагиќ Бајага, со кого се забавувала, ѝ ја посветил песната „Кад ходаш“, но тој го демантирал тоа. И основачот на групата Парни Ваљак, Јурица Паѓен смета дека Марина погрешно го сфатила и дека тој никогаш не бил вљубен во неа.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

31 починат и 1.222 нови случаи на Ковид-19

Следно

ТФТ го декласира Работнички, Феникс реди победи на домашен терен

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian