Тенкото мнозинство дебело го заглави парламентот

6 mins read

Власта нема голем маневарски простор за деблокада на Собранието. Затоа партиите се стремат за што поголемо мнозинство во парламентарните клупи, бидејќи се научени да функционираат со наметнување закони, без почитување на предлозите на опозицијата, вели политикологот Благојче Атанасоски.

Опозицијата преку процедурални забелешки, обиди за наметнување свои предлози за расправа на собраниските комисии, незакажување седници на работните тела и со перформанси го доведува Собранието на раб на функционалност, а мнозинството очигледно засега нема стратегија како да ја одблокира работата на Законодавниот дом. Последните блокади на опозицијата на две комисии се само дел од низата за кои власта нема решение, додека во Собранието на ред за расправа и гласање чекаат куп закони, но и доекипирање на собраниски тела, како и на битни институции.

Од парламентарното мнозинството најавуваат дека преку дијалог со опозицијата ќе се надминат блокадите, но засега тоа не им успева. Опозицијата најавува уште пожесток настап во Собранието за да покажат дека парламентот е нефункционален и дека се потребни брзи предвремени парламентарни избори.

Мисовски: Легитимно право на опозицијата

Власта е на ставот дека само преку разговори со опозицијата може да се надминат недоразбирањата и дека во никој случај нема да дозволат инцидент во Собранието како тој од 24 декември, кога пратеници беа влечени и исфрлени од собраниската сала. Тие велат дека опозицијата ги користи сите можности за блокада, дека тоа го правела и актуелната власт кога била опозиција, а ситуацијата се сведува на тоа дека дел од законите на крајот ќе останат блокирани.

– Неуспешниот обид за ново парламентарно мнозинство е крах за ВМРО-ДПМНЕ и за да го мотивираат и активираат своето членство, користат секаква можност за блокада на Собранието. Легитимно право на опозицијата е да ја кочи работата на Собранието. И ние како опозиција носевме метли, блокиравме, но нема да дозволиме провокација од опозицијата за да се предизвика инцидент во Собранието. Блокадите на ВМРО-ДПМНЕ се и за да го прикријат неуспешното работење на нивните градоначалници – смета потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.

Политичките аналитичари сметаат дека губитници од нефункционирањето на Собранието се и власта и опозицијата бидејќи граѓаните бараат квалитетни решенија од народните избраници, особено сега кога државата е во економска криза.

– Сè е легитимно што пратениците во рамките на законот го прават во Собранието, но треба да се потсетат дека нивниот легитимитет извира од граѓаните. Секогаш мора да се најде начин како Собранието да профункционира во интерес на граѓаните. Игрите не може да бидат бесконечни. Не може едната страна да е исправна, а другата да греши. И двете се во право или и двете грешат. За граѓаните во право се тие што ќе понудат исправно решение. Тука граѓаните ќе го препознаат победникот оти на толку напластени проблеми во ваква економска криза, во право можат да бидат само тие што ќе понудат решенија. Конфликт да се направи е лесно, но за негово надминување во минатото често ни помагала меѓународната заедница. Членка сме на НАТО, се бориме за брзо членство во ЕУ, мислам дека и политичките партии и елити треба да се однесуваат на овој начин – вели Бојан Кордалов, комуниколог специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Пештерско-провинциска „политика“

Политикологот Благојче Атанасоски констатира дека, за жал, и по тридецениско практикување повеќепартиска демократија, пратениците не научиле да дејствуваат во демократски дух, со конструктивни предлог-закони и да дебатираат цивилизирано, европски, како што ѝ доликува на една земја на европскиот континент, претендент да се зачлени во Европската Унија. Блокадите на опозицијата, според него, се за да се предизвика политичка криза и предвремени парламентарни избори.

– Напротив, тие се само и само партиска подружница и ги бранат пред сè партиските интереси на своите матични партии, а неретко и своите лични интереси, бенефициите со патните трошоци и апанажата. Последниве блокади од опозицијата се токму одраз на таа триесетгодишна практика, која наместо да се менува на подобро, се влошува. И сè во насока единствено на предизвикување политичка криза и свикување предвремени парламентарни избори, кои опозицијата катадневно ги бара – вели Атанасоски.

Тој додава дека тенкото мнозинство не ѝ остава голем маневарски простор на власта  за деблокада на Собранието.

– Затоа и партиите секогаш се стремат за што поголемо мнозинство во Собранието, бидејќи се научени да функционираат со наметнување закони, без почитување на предлозите на опозицијата. Никогаш оваа примордијална, примитивна и пештерско-провинциска „политика“ кај нас во законодавниот дом нема да се смени, а ние ќе бидеме осудени „вечно“ да живееме во карикатурално-кловновското неподносливо живеење на македонскиот парламент, кој повеќе наликува на циркус одошто на институција каде што се креираат македонските закони, кои се нужни за целокупното општествено и државно функционирање за сите граѓани – смета Атанасоски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Масовна тепачка во црногорска пекарница, победи пекарката

Следно

Сончево и топло време

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian